Потребни состојки:
- лазањи 250 г
- мисиркино мелено 500 г
- сланина 100 г
- домат 1 кг
- пашканат
- целер
- морков
- коцка супа
- кромид
- лук
- путер 50 г
- брашно
- млеко
- моцарела 3
- ајдамер 100 г
- пармезан
Ух!
Се издишав конечно!
Тежок период дечки, многу тежок! Се најдов во ситуација каде изгубив волја за дома да си готвам, а од друга страна пак, среќа што работата ми е готвење, па тоа ме правеше среќна. Многу чудно, а сепак многу вистинито. Му пишувам на Трендо вчера, напишав рецепт, утре ќе го ставам. Ми враќа: „aleluja & alal“ :)
Ми дојде желбата, сабајлето во петокот. Си велам, денес лазањи! Одам до маркет, купувам сè што е потребно и се враќам дома. Ми текнува дека е можно да немам дома керамички сад за печење лазањи, па ѝ се јавувам на мајка ми (во моментов се преселени во Галичник, отворија сезона, а сè што има дома, се носи таму):
- Лец, а бе имаме дома сад за лазањи?
- Ауф, не знам бе мајка, ај види таму кај тие тањирите.
- Кај кои тањири? (небаре кујнава е 50 м2 и содржи 30 сервиса за ручавање)
- На едно место стојат тањири Софка, а колкаво ти треба, за колку луѓе?
- А бе, не правам многу, не ми треба големо!
- Ааа, е па има бе, керамичко е и таман за малку да направиш. Ете го таму лево на првата полица.
- Дали си озбилна?!? (го наоѓам ова)
- Де бе па и ти, па што има врска што е велигденско?
- Добро мамо, ај ќе се снајдам.
- Е па тогаш земи го тавичето мало.
- Ок, ај, чао!
- Чао!
Го наоѓам тавичето мало и сфаќам дека е толку старо што можеби ѝ е останато на мајка ми во аманет од баба ми, а и во исто време дека ми е единствена опција. Лазањите излегоа од ли чни!
Чекори за подготовка:
- Во длабока тава или во теџерче, изборот е ваш, загрејте масло, ама на тивок оган. Ситно ќе исецкате пола главица црвен кромид (да не е многу голем), едно чешне лук, еден мал морков, пола главица целер и половинка пашканат. Ставете ги да се запржат.
- Исецкајте ја сланината на коцкички (ќе купите цело парче, да не ви ја сечат на ленти) ставете ја и неа да се пропржи и додадете го месото.
- Додека тоа се запржува, на страна ќе сварите пола коцка пилешка супа во 200 мл вода. Ставете ја во месото и оставете да се динста сè додека не испари. А, да, претходно ќе го зачините месото со сол и бибер. Во меѓувреме, додека испарува супата, изрендајте ги доматите. Ќе земете три убави големи домати, помеки да бидат за да имаат повеќе сок. Бидете внимателни каде ќе го извршите тој чин за да не ви се случи ова:
- Ставете ги изренданите домати кај месото, повторно зачинете со сол и бибер и, се разбира, една лажица шеќер за да ја убиете киселината на доматот. Нека си се крчка на тивко.
- Додека се динста смесата, извадете ги сите непотребни тави од рерната и уклучете ја да се загрее на 180 степени.
- Време е за бешамелот. Земете една тава и растопете го путерот. Додадете две лажици брашно и со рачна маталка соединете ги. Веќе го имам ова кажано, ама повторувањето е мајка на знаењето. Додавајте млеко малку по малку без да престанете да мешате. Ќе ви треба негде малку повеќе од пола литар. Можеби накај 650-700 мл. Ќе видите според густината. Зачинете со сол и изрендајте 50 г пармезан. Тргнете го на страна.
- Месото е готово.
- Земете ја тавата во којашто имате замислено дека ќе ги правите лазањите и на дното ставете малку од бешамелот. Ставете ги листовите лазањи по цела површина, ставете од смесата со месо, со лажица полејте од бешамелот на површината, исецкајте едно топче моцарела и изрендајте малку ајдамер. Оваа постапка ќе ја повторите трипати.
- На крај, врз последните листови лазања, ќе го полеете останатиот бешамел.
- Ставете ги во веќе загреаната рерна и печете 45 до 60 минути. Зависи од тоа каква ви е рерната, битно е да се запече бешамелот. Откако ќе ја извадите, оставете ја да издише 10-15 минути и потоа оставам на вас. Превкусна и предобра! Уживајте!