Потребни состојки:
- канелони
- спанаќ (замрзнат)
- рикота 200гр
- блучиз 100гр
- пармезан 50гр
- лук
- бешамел
Ќе бидам искрена. Тргнав да пишувам една приказна по повод денешното јадење, но комплетно сум дефокусирана. Ја имам во глава, ама не можам да ја склопам. Причината за тоа е проклетиов месец фебруари. Да, имам мачка. И да, сака да се пари. Боже колку е неподносливо мјаукањето, а и звуците што ги испушта. Јас сум сигурна дека барем еднаш во животот сте се нашле во ситуација да ви мјаукаат мачки под прозор. Е тоа мене ми се случува дома! Сочувствувајте се со мене. Башка и неспиена, но тоа сега не е темата за разговор.
Како и да е, тоа не значи дека нема да го споделам со вас овој лесен и супер вкусен рецепт.
Чекори за подготовка:
- Во подлабока тава ставете коцка путер да се растопи. Додадете и малку маслиново за да не загори. Ставете две чешниња ситно сецкан лук.
- Ставете го спанаќот (претходно одмрзнат). Промешајте убаво за секаде да навлезе лукот.
- Откако убаво ќе се пропржи спанаќот додадете ја рикотата и плавото сирење. Зачинете со сол и бибер и мешајте додека не добиете изедначена смеса.
- Земете ги канелоните и едно по едно полнете ги со филот. Можете со готварски шприц или пак со лажичка. Ви препорачувам да е малце оладен, освен што може прстите да ги изгорите, од самата топлина може да се распукаат самите канелони.
- Едно по едно наредете ги во тава за печење. Полијте ги со бешамел. На вас оставам дали ќе го купите или ќе го направите сами.
- Ставете ги да се печат во претходно загреана рерна 40 минути на 180 степени. 10 минути пред крај извадете ги и изрендајте го пармезанот.
- Обично се служат по два до три канелони, немојте да се изненадите ако изедете шест!