Поинаков божиќен колач

Божиќен вкус што ќе ги надразни вашите непца!

Потребни состојки:

  • морков 175 гр
  • тиквица 175 гр
  • ореви 150 гр
  • брашно 220 гр
  • шеќер 375 гр
  • прашак за пециво 7 гр
  • сода бикарбона 6 гр
  • цимет 5 гр
  • сок од ананас 100 мл
  • зејтин 150 мл
  • 2 јајца
  • ванила екстракт 10 мл
  • путер 200 гр
  • шеќер во прав 200 гр
  • крем сир 200 гр

И?! Како за најлудата ноќ? Добро си поминавте? Јас да ви кажам преку ден прославив некако повеќе отколку вечерта. Со другарките ги прошетавме сите кафичи и покрај тоа што секогаш велам "Нема шанси да се гужвам", пак се гужвав. Се веселевме во секој посебно, колку се можеше нели и во пет попладне имав филинг дека е еден по полноќ. Се разотидовме да одмориме малце (да дремнеме) и се договоривме да се чекаме на местото каде што славиме во 22:30ч. Телефонот кога ми ѕвонеше во 21:30ч. во бунило изговорив "Каснам за на работа"! Лонг стори шорт, вечерта испив 2л кисела вода и си отидовме во 02:00.

И така, помина и Нова година и цела еуфорија и излагање и слободни денови и све од првиот дел. Сега доаѓа Божиќ и пак имаме втор дел на сето она погоре. Се прашував дали да зготвам нешто тие денови. Што?! Сарми?! Печење?! Руска?! Си велам - не! Ќе почекам малце, да се смири цела ситуација и да огладнат малце луѓево. Не дека е престанато да се јаде ама сепак.

Како и да е, се спремам за мини распустов да одам во Маврово. Снегот е паднат, ќе има скијање, палење оган за бадник, кршење паричка и се разбира мојот роденден. Па по повод мојот роденден, а и се разбира за Божиќната вечера решив да направам малку поинаков божиќен колач. Верувам дека сте ја чуле познатата Carrot cake. Е ова е тоа, но со плус тиквици. Да, тиквици!

Чекори за подготовка:

  1. Сува смеса: Во еден сад ставете ги сите суви работи. Брашно, шеќер, сода бикарбона, прашак за пециво, ореви (крупно сецкани, не мелени) и цимет. Измешајте ги убаво за да се запознаат.
    Влажна смеса: Во друг сад ставете ги сите влажни работи :). Тиквица и морков (рендани). Немојте да ги цедите, потребен е нивниот сок. Сок од ананас, зејтин, ванила и две јајца. Измешајте со рака убаво за да добиете еднолична смеса.

  2. Влажната смеса ставете ја во сувата и убаво измешајте со лажица. Кога ќе се соедини оставете ја на страна и земете ја модлата или малите модли за печење. Мојата модла за цел колач ја дадов негде, па ми останаа само малите модли. Супер се. Намачкајте убаво со путер низ цела површина каде што би можел да допре колачот. Тој во текот на печење ќе нарасне па убаво би било ако секаде намачкате. Распределете ја подеднакво и така спремни ги ставаме во рерна на 180 степени 30 минути. Се разбира претходно загреана да биде.

  3. Во меѓувреме додека се печат направете го најважниот и највкусен дел. Ајсингот или топингот. Во сад, путерот (собна температура), шеќерот во прав и крем сирот (најдобар е Филаделфија). Матите додека да добиете убава кремаста содржина. Така спремно го ставате во фрижидер за да се стврдне малце.

  4. Колачот е веќе испечен. Извадете го и оставете малце да здивне, што би рекла мајка ми. Така полесно ќе излезе од модлата. Оставете да се олади и нанесете го ајсингот. Не се мачете со шприц, како јас на пример, бидејќи ќе ви остане пола смеса во него. Декорирајте и можете или веднаш или ставете ги во фрижидер за подоцна. Ви посакувам убава Божиќна вечера и среќен ми роденден! :)

Важно:

Грамажата на состојките мора да биде точна!
3 јануари 2016 - 19:15