Ципура, Медитеран и 100 винца

Ципурата, односно Орадата е риба со педигре, без членска книшка од ниту една партија. Родена е во синилото на Медитеранот и растена е на сонце и морски ветар. Ципурата е софистицирана, со нежно бело месо кое се топи во устата и суптилен вкус што не бара да биде прекриен со еден кубик сосови и зачини. Доволна е да си биде своја на своето. Таа е еден од ретките видови риби кои се одгледуваат во аквакултури со огромен успех, што значи дека можеме да ја уживаме без да ги уништиме природните живеалишта. Ципурата е риба која е симбол на дивината, а сепак толку елегантно се прилагодува на контролирани услови. Како панкер на свадба. Сепак, внимавајте од каде ја набавувате и консултирајте се со маалски рибар, лекар, фармацевт или дилер. Не сакаме риба растена у Чернобил.

Денес ја печеме со една тезга зеленчуци. Одличен рецепт за летниве пеколишта, уз 1 хектолитар т’нок, београдско-швалерски шприцер.

Состојки:

  • Еднa ципуреста лепотица (околу 500-700 гр), исчистена и подготвена за третман. Еден лимон, исечен на тенки кругови. Сол и свежо мелен црн пипер, за да ја нагласите природната убавина на рибата. Не штедете, но не претерувајте.
  • 2-3 домати, исечкани на коцки или осмини. 1 црвен кромид, ситно исечкан, да додаде малку острина и сладост. 1-2 чешниња лук, ситно сечкани или пасирани. 1 зелена пиперка. 1 црвена пиперка 2 лажици капари - малите солени џамлии кои прават чуда со морската храна. Свеж магдонос, ситно сечкан
  • Маслиново масло, екстра невино, часна сестра да му подзавиди. (По желба) Малку бело вино - за рибата, се разбира. И за готвачот, за инспирација.

Чин први:

Ципурата треба да биде чиста и сува. Направете неколку длабоки засеци преку кожата на рибата од двете страни. Ова не е само за естетика, туку и за да може вкусовите поубаво да навлезат. Зачинете ја рибата обилно со сол и црн пипер, однадвор и однатре. Нека се чувствува сакано! Во стомакот на рибата ставете неколку кругови лимон. Тоа е нејзината тајна состојка за сочност и арома.

Чин втори: Зелените чукови

Во поголем сад или длабока тава (по можност онаа што ќе оди и во рерна), загрејте малку маслиново масло на средна температура. Додадете го исечканиот кромид и динстајте го додека не омекне и не стане проѕирен – околу 3-5 минути. На ред е лукот. Додадете го и динстајте уште една минута. Внимавајте да не изгори, не сакаме горчина. Сега, додадете ги исечканите домати, пиперките и капарите. Промeшајте и динстајте околу 5-7 минути, додека зеленчукот не омекне малку. Ако користите бело вино, сега е моментот да додадете малку и да оставите да испари алкохолот. Зачинете го зеленчукот со сол и бибер.

Чин треќи, велики: Големото финале

Направете си „кревет“ од зеленчук во тавата. Врз него нежно ставете ја подготвената ципура. До рибата, ставете ја зелената пиперки. Покријте ја тавата и гответе на средна температура или префрлете ја во загреана рерна на 210°C. Времето за готвење зависи од големината на рибата, но обично е околу 15 минути. Рибата е готова кога месото лесно се одвојува со вилушка и изгледа бело. Пред сервирање, посипете со свеж магдонос.

Сервирање: Сервирајте ја ципурата директно од тавата, топла, миризлива, волшебна. Ова јадење е совршено само по себе, но одлично оди и со квалитетен лебец за да го соберете сокот од зеленчукот.

Наздравете за себе, за Медитеранот, за уметноста, за старецот и за морето.

Бонбон апетит! Ако останат само коски, тоа е знак дека сте ја завршиле работата мајсторски.

Кирил Стоименов - Ципурекс

27 јули 2025 - 10:18