Потребни состојки:
- 120гр какао
- 350гр чоколадо за готвење
- 180мл инстант кафе
- 350гр кисела павлака
- 180гр путер
- 400гр кафеав шеќер
- ванила екстракт
- 5 јајца
- 220гр брашно
- 1 лажичка сода
- 1 лажичка сол
Ви се случило да се разбудите со конкретна желба за некоја храна?! Е па, тоа!
Се шуњаме по дома во петокот, кој раскрева, кој игра на телефон, денот си помина и вечерта ми се врти и ми вели:
- Леле како ми се јаде онаква некоја торта...
- Каква, каква?
- Некако, некако...ЧОКОЛАДНА! (ме погледна со ококорени очи како да сум вендинг машина и одма ќе ја извадам тортата)
- А, каква чоколадна? Онаква со фил, со крем, со свашта?!
- Не, не, не...онака само црно тесто, ама некако сочно да е. (ги до-ококори очите)
- Леле знам, знам...како чоколаден колач..ммммм..и мене ми се пријаде сега!
- Ајде! Ќе направиш???!
- Добро, значи знаеш дека не можам одма да направам, бидејќи ги немаме сите состојки, како на пример ЧОКОЛАДО ЗА ГОТВЕЊЕ...утре ќе направам.
- Ц, ајде добро. (со натажен глас)
Сабота наутро. Се будам со кркорење на цревата и потреба за чоколаден колач, од претходната вечер што го зборевме и замислувавме. Облеков јакната и по пижами до продавничка да купам намирници. Кујната лом, а колачот, колачот беше врхунски добар, што би рекол Трендо.
Чекори за подготовка:
- Во подлабок сад, ставете го какаото и 150гр чоколадо, но претходно исецкајте го на парченца, за полесно да се растопи.
- Направете го кафето со зовриена вода. (одберете кафе по ваш вкус, нескафе или јакобс или некое ваше омилено). Јас ставив две мали лажички кафе и само го попарив со врела вода. Истурете го кај какаото и чоколадото, мешајте додека не добиете мазна смеса. Не се секирајте, колачот нема да ви има вкус на кафе, тоа само го засилува вкусот на чоколадото.
- Додадете ја павлаката, промешајте и тргнете го на страна.
- Во друг сад, ставете го шеќерот и путерот. (јас имав обичен кафеав во кристали, а вие може да го употребите оној што е како песок или светол мусковадо). Путерот нека ви биде на собна пемпература, за полесно да го матите.
- Откако ќе го изматите, треба да добиете една ваква смеса.
- Во смесата додека матите, додавајте ги јајцата едно по едно.
- Во смесата од шеќер и путер, додадете ја смесата од какао, чоколадо и павлака, изматете убаво да се досоедини. Додадете го брашното и повторно матете додека не се соедини.
- Во оваа смеса ќе го додадете остатокот од чоколадото, но претходно ќе го исецкате на крупни парчиња. Измешајте рачно со лажица за да ги има насекаде низ смесата.
- Земете тава за печење, најдобра варијанта ќе ви биде со димензии 23х33см. Обложете ја со хартија за печење. Пред да ја ставите хартијата, намачкајте ја со зејтин цела тава за полесно да се залепи хартијата.
- Смесата во тава и на печење околу 40-50 минути на 180 степени. Се разбира рерната претходно загреана и се разбира ќе проверувате дали и кога ви е испечено, секој има различна рерна, нели. А ќе проверувате со “чачкалица систем“. Ќе ја брцнете во средина, ако излезе сува чечкалицата, готова е.
- Колачот може да го јадете и вака, но за уште поголемо задоволство ќе направите глазура. Во еден помал сад, ќе ставите 200гр шеќер во прав, 3-4 лажици какао и 4-5 лажици млеко. За млекото ќе определите сами дали ви е малку или многу. Не треба да ви биде многу течна, ниту пак многу густа глазурата. Полијте го цел колач и не престанувајте да јадете.