Почина контроверзниот антрополог Наполеон Шањон

Стана славен по своите истражувања на племето Јаномами во амазонската прашума. Но неговите методи го направија неомилен помеѓу поголемиот број колеги-антрополози.

Целото социјално однесување може да се разгледува од аспект на тоа каков ефект има врз вашиот билошки успех. Но ова оди директно контра социо-антрополошката теорија, која инсистира дека не постои врска помеѓу биологијата и културата - сакаме културата да ја испише празната табла на нашите умови

Ова е еден од суштинските ставови на антропологот Наполеон Шањон, кој почина неодамна на 81 годишна возраст, искажан во интервју за Scientific American во 2000-та. Проучувајќи го однесувањето на племето Јаномами, кое според него се состои од „непрекинато војување“, тој во текот на својата долга но на моменти неславна кариера се обидуваше да покаже дека антрополозите грешат кога ги игнорираат доказите дека агресијата помеѓу мажите во племенските општество е толку „исплатлива“, што таа станува наследна особина.

Неговите податоци, собирани во тек на повеќе децении, покажале дека 44% од мажите Јаномами над 25-годишна возраст учествувале во нечие убиство, дека 25% од нив биле убиени од други членови на племето, но дека мажите кои повеќе убивале биле високо ценети од средината, и имале повеќе жени и деца во споредба со останатите мажи.

Неговата прва книга на оваа тема, „Јаномамо: свирепите луѓе“ од 1968, го отфрлило широко распространетото „марксистичко“ уверување дека војувањето помеѓу племињата најчесто е поттикнато од расправии околу ограничените ресурси. И покрај проблемите во академската заедница кои ги имаше поради еволутивниот пристап во толкувањето на културата, тој ги задржа своите ставови до крајот на животот. Така, во својот мемоар од 2014, „Благородни дивјаци“, пишува: „Целата смисла и дизајн на социјалната структура на племенското живеење се врти околу ефикасната контрола на сексуалниот пристап на мажите до младите жени во репродуктивно доба“.

Голем број негови колеги не само што го отфрлаа ваквиот пристап, туку го нарекуваа расистичен. Најголемиот напад се случи во 2000, кога новинарот Патрик Тирни, објави книга под наслов „Мрак во Ел Дорадо“, во која го обвинува Шањон за тешки дела: не само за поттикнување насилство, туку и за лажирање податоци, и - најсензационално - за учество во био-медицински експеримент кој веројатно бил причина за епидемија на сипаници која убила членови на ова племе. Ова наводно било предизвикано од неговата соработка со генетичарот Џејмс Нил, кој претходно работел генетски истражувања со оние кои ги преживеале Хирошима и Нагасаки, па сакал тие резултати да ги спореди со домородно население кое никогаш не било изложено на радијација. Откако зел примероци крв од нив сфатил дека нивото на тешки метали во нивниот организам е слично со она на западните народи, но дека тие немаат имунитет од сипаници. Заедно со Шањон ги убедиле луѓето да се вакцинираат, бидејќи сипаниците веќе биле близу регионот. Наводно, поради таа вакцина умреле 30 членови од племето (од 1000 кои биле вакцинирани).

Овие обвинувања поттикнаа голема истрага во рамки на Американското антрополошко здружение, кое додуша не откри вина на Шањон. Но као што обично одат овие работи, тој морал да се повлече од професорската позиција на Универзитетот Санта Барбара во Калифорнија, а целиот процес е опишан како „обред на прочистување“ на самата дисциплина која како резултат на ова го ревидирала својот етички кодекс. Венецуелските власти официјално му забраниле влез во земјата и понатамошно проучување на Јаномами. И покрај тоа, спомнатата етнографска студија за Јаномамо и денес се користи како учебно помагало и често се опишува како најдобро продавана антрополошка книга на сите времиња (веројатно споредлива единствено со „Созревање на Самоа“ на Маргарет Мид).

При своите чести престои помеѓу племето тој ја стекнал нивната доверба. Го викале „Шаки“, што не е само скратено од Шањон, туку си има и свое значење на нивниот јазик - досадна пчела, затоа што постојано ги малтретирал со прашања. Таму, помеѓу „дивјаците“ го носел и своето семејство со кое живеел во колиба од плитар. Семејството заминало откако машките членови на заедницата покажале интерес за трговија - нивни предмети, за ќерката на Шањон.

Шањон бил еден од првите кои ја истражувале врската помеѓу биологијата и однесувањето во време кога во антрополошките студии ова благо кажано бил непопуларен пристап. Ја платил цената, иако денес веројатно би поминал и полошо.

29 ноември 2019 - 08:53