Букер 2019: во финалето книга од 1000 страници и само осум реченици

Вчера, 3.9, беа објавени финалистите за овогодинешната Букерова награда. На списокот има шест автори и исто толку дела, но едно се издвојува по својата необичност.

„Тестаменти“, долго очекуваното продолжение на „Приказната на слугинката“ на Маргарет Атвуд е една од книгите која се наоѓа на списокот финалисти за Букер 2019.Таа се одвива 15 години по крајот на претходниот роман, а официјално ќе биде објавена следната недела. Атвуд е веќе добитничка на еден Букер за „Слепиот убиец“ од 2000, а во финалето влегла уште четири пати со други книги.

Освен неа тука е и Салман Ружди со неговата нова книга „Кихот“, инспирирана од ремек-делото на Сервантес. Станува збор за возрасен патувачки трговец кој вози низ Америка за да ја освои раката на телевизиска ѕвезда. И тој до сега го има добиено признанието, во 2001 за „Децата на полноќта“.

Трета на списокот е Ели Шафак со „10 минути и 38 секунди во овој необичен свет“, сеќавања на сексуална работничка која е оставена мртва во контејнер полн ѓубре.

Кандидатка за Букер е и Бернардин Еваристо, англо-нигериска авторка со „Девојка, жена, друго“, како и Чигози Обиома кој има исто такво, нигериско потекло, со „Оркестар на малцинства“.

Но за нас најинтересна е книгата на Луси Елман, „Дакс Њуберипорт“. Опишана како „сеќавања на домаќинка од Охајо за нејзиното минато“, таа е сложен роман кој се состои од само осум речиси бескрајни реченици кои тераат цели 1,020 страници. Да, помеѓу овие „реченици“ дури нема ни нов пасус, а некои од нив зафаќаат повеќе од 100 страници.

Необичниот стил на Елман меѓу другото се припишува на тоа што таа е ќерка на познат истражувач на Џојс, па таа можеби од таму ја црпи инспирацијата за ваквата нарација во стилот на „река на свеста“. Доколку оваа книга ја добие наградата тогаш таа ќе биде најдолгиот роман по победникот од 2013, The Luminaries.

4 септември 2019 - 13:31