На 200 метри пред целта трофејниот Британец Марк Кавендиш падна откако со лакт го удри Словакот Петер Саган со намера да му го затвори патот. И двајцата беа најголеми фаворити за освојување на првото место.
Прегледите покажале дека Кавендиш заработил фрактура на рамето, а набрзо после инцидентот Саган му се извини на Британецот и неговиот тим, но организаторите го дисквалификуваа од трката после што светскиот шампион Петер Саган најави жалба:
„Спринтав и не знаев дека Марк е зад мене. Немав време брзо да реагирам и да отидам лево. Кога на крајот од трката ми кажаа дека паднал, веднаш отидов да проверам како е. Ние сме добри пријатели и колеги во пелотонот. Таков пад никогаш не е пријатен и се надевам дека брзо ќе се опорави“, изјави Саган кој доби голема поддршка од навивачите по социјалните мрежи.
На крајот од четвртата етапа која се возеше од Мондорф ле Баин до Вител во должина од 207,5 км победник беше Арно Демар, Французинот којшто ја презема зелената маица. Следната етапа ќе се вози од Вител до Ла планш де Бел Фил која што има нагорнина од скоро шест километри.
За навивачите на Саган оваа драстична одлука за суспензија на Словакот е неразумна затоа што минатата година Крис Фрум беше помилуван по сличен инцидент на Монт Венто. Тие велат дека и сите велосипедисти менувале правец и ја затворале десната страна во финишот а до контактот меѓу двајцата дошло по обидот на Кавендиш да се тргне од бариерите после што самиот се одбил од Саган. Според нив, спринтерите редовно се туркаат за позиција и Тур де Франс сега под сплет на околности остана без двата најдобри велосипедисти.
Во генералниот пласман прв е Жерант Томас, втор пред дисквалификацијата беше Петер Саган, трет Крис Фрум, четврт Мајкл Метјус а петти Едвалд Босон Хаген.
Светскиот шампион беше дисквалификуван согласно статутот 12.1.040/ 10.2.2. (нарушување на правилата во спринт) и правилата на Меѓународниот велосипедски сојуз (UCI).