Ако Олимписките игри се планетарниот собир на многу спортови, тоа за боречките спортови се Светските борбени игри или World Combat Games.
Се работи за трето издание после оние во 2010-та и 2013-та кое само што заврши во Ријад, Саудиска Арабија (20-30 октомври).
Дека ова не е мала работа, ќе ви потврди податокот дека на едно место се собрале 1.500 спортисти од 120 држави кои учествувале во 16 боречки вештини.
Македонија се презентирала во два спорта, аикидо и карате, а пред првиот човек на аикидо вештината Мицутеру Уешиба од Јапонија, на Македонија и го обелил образот нашиот претставник и најистакнат аикидо учител, Дамјан Цингарски заедно со колегата Трајко Манасиев.
Се работи за мајстор со 4 дан степен, кој зад себе има 23 годишен бекграунд и преку клубот Хенбо во Скопје ги создава новите генерации. За Офф.нет ги раскажува свежите впечатоци од Ријад и ја запознава македонската јавност со овој светски настан.
World Combat Games е релативно непознат настан за македонската јавност. Како би им го претставиле?
Светските борбени игри се настан што има глобален карактер, а ги обединува скорo сите боречки вештини/спортови. Може да се каже дека она што за спортовите општо се Олимписките игри, тоа за боречките спортови се Светските борбени игри, т.е. World Combat Games. Потребата од еден ваков настан се појавува во фактот што повеќето боречки вештини и не се застапени на Олимписките игри, па како такви не се популаризираат доволно на светско ниво. Имајќи предвид дека World Combat Games се настан што датира од поново време, и засега се единствен настан од овој вид, на добар пат се да станат значаен критериум за боречките вештини на светско ниво.
Во вакво својство бевте на игрите во Ријад?
На Светските борбени игри во Ријад 2023 отидов како претставник на Македонија, заедно со уште еден колега – Трајко Манасиев, а на покана од Меѓународната аикидо федерација. Нашето учество, како и на сите аикидоки што се собраа од целиот свет, беше од демонстративен карактер, со оглед на тоа што аикидото е боречка вештина што нема натпреварувачки аспект, па на Светските борбени игри има резервирано место со дводневна презентација на вештината, тематски поделена на неколку делови. Од секоја земја-членка на Меѓународната аикидо федерација учествуваа по еден или двајца претставници, а условот за учество беше да бидат во возрасната граница од 20 до 45 години и да бидат со достигнат степен во аикидо вештината помеѓу 2 и 4 дан степен (највисокиот степен е 8-иот дан). Претпоставувам дека овие пропозиции беа поставени со цел да се изберат лица кои можат да демонстрираат аикидо со доволна доза на енергичност, прецизност и моќност. Моето ниво е 4 дан степен и имам 45 години, а со аикидо се занимавам од 2000-та, што значи 23 години. Од 2005 како учител/тренер го водам клубот Хенбо во Скопје.
Какви ви се впечатоците од претставувањето, средбата со другите учесници и општо целото дружење?
Нашето претставување беше во најобемниот дел, оној што беше насловен како Аикидо основи, каде што пет групи од по 12 аикидоки презентиравме слободен избор на техники од определен напад. Секому беше доделен партнер за вежбање со кого, во најголем дел од случаите, никогаш претходно не сме имале прилика да вежбаме. Тоа само по себе е предизвик, но, како што и беше прикажано на демонстрацијата, се одвиваше одлично, докажувајќи дека аикидото во светот е навистина вештина со која се постигнува хармонија и соработка. Мојот демо партнер беше од Јасин Афкир од Мороко, со кого уште во првиот обид за увежбување на демонстрацијата се вклопивме одлично. Мојот личен впечаток е дека имавме исклучително складна презентација. Вон вежбањето секако дека се запознавме и со многу други колеги од вештината, па не е исклучено во скора иднина да отпатуваме и кон други дестинации со цел продлабочување на новите пријателства и усовршување на вештината.
Кои други важни меѓународни искуства би ги издвоиле и дали ова учество е до сега најважно за македонското аикидо и пред најширок аудиториум?
Спомнав дека македонското аикидо и пред овој настан е ставен на светската карта, најмногу со моите две учества на конгресите на Меѓународната аикидо федерација што се одржаа во Јапонија во 2012 и 2016 година, каде што имав прилика да вежбам и да се запознаам со истакнати аикидо практиканти од целиот свет. Учеството на овие Светски борбени игри е исто така важен момент од нашата аикидо историја, и како и секој ваков настан, го подига нивото на очекувања и критериуми за идните генерации.
Среќен сум што моите цели што сум ги поставил пред 20 години во врска со моето вежбање аикидо се остварени и дури повеќекратно надминати, а уште посреќен ме прави фактот што по нас доаѓаат генерации што нас ќе нè надминат и ќе го продолжат патот со поместување на своите граници на умеење.
Опишете ни ја малку атмосферата? Има ли големо медиумско внимание? Навивачи?
Не знам колку е познато, но Саудиска Арабија стана достапна за туристи дури пред 10 години, што е всушност многу скоро. Ова е приметливо, и покрај пречекот на топлите саудијци кои покажаа исклучително гостопримство. Недостасуваат очекуваните туристичко пропагандни феномени кои се вообичаени во западниот свет, но според моето лично убедување, тоа дава едно пријатно, скоро егзотично доживување. Медиумската покриеност беше како што доликува на светски настан, што се гледа од квалитетот на видео снимките што до сега имавме можност да ги видиме на најраспространетите социјални медиуми како што се Youtube, Facebook и Instagram, а 30 телевизиски куќи го пренесуваа настанот во живо.
Навивачи и друга публика на трибините имаше многу малку, од непознати причини за мене. Организацијата беше одлична, иако не беспрекорна, што веројатно се должи на тоа што во Саудиска Арабија вакви случувања се новина, и можеби и затоа што градот Ријад во моментов е едно огромно градилиште, што за неколку години ќе биде метропола од видот на Дубаи или слични градови. Игрите траеја 11 дена, учествуваа 1500 атлети од 120 држави, во 16 боречки вештини. Аикидото беше претставено од првиот човек на оваа вештина во моментов – господинот Мицутеру Уешиба од Јапонија, потоа светски реномираниот аикидо мајстор Кристијан Тисие од Франција, и 80 аикидоки од целиот свет. Со активностите што низ годините наназад сум ги имал, можам да кажам дека македонското аикидо веќе е поставено на светската карта, но учеството на овие Светски борбени игри е еден од исклучително важните прагови за нашиот развој на ова поле.
Во колку спортови се такмичеше Македонија и со колку спортисти?
Според моите сознанија Македонија ја претставија 4 учесници на овие Светски борбени игри, двајца во Аикидо и двајца во карате. Нашиот учесник во карате Витомир Трајковски освои бронзен медал во својата категорија. Од срце му честитам на успехот!
Дали после сребрениот олимписки медал во теквондо, станавме најпрепознатливи во овој боречки спорт? Нè гледаат ли со поголем респект?
Секој успех од олимписки калибар остава неодминлив впечаток и сигурен сум дека доколку имавме натпреварувачи во Таеквондо, ќе бевме фаворити за медал. Не ми се познати причините поради кои немавме претставници од овој спорт, како и од другите спортови/вештини. Во аикидо средината, бидејќи нема натпревари, односите почиваат на друго рамниште, бидејќи нема победници и губитници. Но, и од претходни искуства, а секако и од ова најсвежото, можам да речам дека иако популацијата што кај нас се занимава со аикидо е малубројна, сепак, имаме квалитетна школа која стои рамо до рамо со сите земји каде што се вежба аикидо.