Точно три децении поминаа од првото Светско првенство во атлетика кое се одржа во Хелсинки. До тогаш олимписките шампиони се сметаа за светски прваци. Првите три првенства се одржуваа на циклуси од по четири години, а од 1993. година овие настани се одржуваат на секои две години.
14. Светско првенство во атлетика ќе се одржи на стадионот Лужники во Москва и по Олимписките игри и Светското првенство во фудбал, ќе биде најголем настан по бројот на гледачи во живо и на телевизија, по бројот на учесници, бројот на замји и по вредноста на спонзорските договори и телевизиските права.
На ова Светско првенство ќе учествуваат 1.974 натпреварувачи (1.106 мажи и 868 жени) од 206 земји. Претходниот рекорд го држеше првенството во Берлин кога настапија 1895 натпреварувачи од 200 земји.
Првенството ќе се пренесува во повеќе од 200 земји и територии и ќе го проследат вкупно пет милијарди гледачи.
Секој шампион во поединечна конкуренција ќе добие по 60.000 долари, за сребрен медал се добиваат 30.000, а за бронзен по 20.000 долари.
На досегашните 13 првенства се поставени само 27 светски рекорди од кои еден подоцна беше поништен, а седум се уште важат. Дополнителен мотив за соборување на светски рекорд на ова првенство ќе биде и наградата од 100.000 долари.
Македонија ќе ја претставува Ристе Пандев кој ќе трча на 100 метри. Пандев го држи македонскиот рекорд во оваа дисциплина со време 10.61 секунди.