Во саботата вечер, Кастер Семења победи на трката на 800 метри кои ги истрча за 1 минута и 55,28 секунди. Тоа беше нејзино лично најдобро време, нов рекорд на Јужна Африка и петто најбрзо време на оваа делница во Олимписката историја. Но можеби Семења никогаш повеќе нема да трча толку брзо.
Кастер Семења (25) има синдром на хиперандрогенизам, односно зголемена активност на машки хормони (тестостерон) над нормалните вредности поради што редовно се соочува со гласни критики од конкурентите. Гласините одеа и до таму дека Семења е машко, а не женско.
Меѓународната атлетска асоцијација смета дека Семења и сличните на неа не смеат да се натпреваруваат доколку не го намалат нивото на машките хормони. Од друга страна, со тоа не се согласи Спортскиот арбитражен суд (САС) во Лозана којшто на Меѓународната атлетска асоцијација (ИААФ) лани ѝ даде рок од две години да утврди која е предноста која што ја имаат таквите атлетичари.
Револтот кај Британците е делумно оправдан, затоа што иронично, тие потрошиле 275 милиони фунти на подготовки за Олимписките Игри и бараат реални одговори како е можно да губат од атлетичарка која доаѓа од земја која потрошила помалку од 1,9 милиони фунти во подготовки за ОИ.
Британката Линзи Шарп со насолзени очи изјави дека одлуката да не ги принудат Семења и другите атлетичари да користат лекарства за намалување на тестостерон го прави натпреварувањето против Олимписката шампионка на 800 метри многу потешко. Линзи заврши шеста во саботната финална трка во Рио.
„Колку напорно и да тренира, колку год и Џени Мидоус напорно да трча и тренира, тие никогаш нема да можат да се натпреваруваат со тоа ниво на сила и брзо опоравување коишто ги носи нивото на тестостерон кај другите атлетичарки“, изјави Паула Радклиф.
Семења не може да ги избегне шпекулациите во врска со нејзиниот пол. По освојувањето на златото, таа сакаше да зборува само за триумфот.
„Не се работи за тоа кој како изгледа, како зборува, колкави мускули има. Станува збор за тоа кој како трча, станува збор за спортот, кој треба да нѐ обединува, а не да нѐ дискриминира. Критиките ме прават посилна, ме прават подобра личност. Луѓето треба да научат како подобро да комуницираат, да соработуваат“, изјави Семења.
Јужно-Африканката го освои среброто и на Олимписките Игри во Лондон 2012, зад Русинката Марија Савинова која што се најде на листата спортистки со позитивни антидопинг наоди.
Кастер Семења во 2009. година кога имаше 18 години стана светска шампионка но набргу се соочи со страшни притисоци и мораше да прави тестови за да се утврди дали е женско или не. Поради таквиот развој, таа беше надвор од атлетските патеки цели 11 месеци (во тој период врз неа правеа тестови). Во 2010. година се покажа дека таа е чиста, односно дека е жена но со поголем процент на тестостерон (машки хормон) одошто го има во просек женското тело.