Во следните 19 дена ракометот ќе биде во фокусот на македонската јавност. Најдобрите светски селекции ќе играат во Хрватска, Норвешка и Данска на ракометниот Мундијал.
Отвораат вечерва Италија и Тунис, во данскиот град Хернинг од 17:30 часот.
Ова ќе биде воедно и прво Светско ракометно првенство кое ќе се игра во три држави. Ќе има пет градови домаќини: три во Хрватска (Загреб, Вараждин и Пореч) и по еден во Данска (Хернинг, отворање на Мундијалот) и Норвешка (Берум, финале, завршен натпревар на 2-ри февруари).
Македонија ќе игра во Вараждин во сала со капацитет од 5.200 гледачи меѓу кои ќе има многу македонски навивачи што од татковината, што од дијаспората. Салата во Пореч е најмала на Светското со капацитет од само 3.700 седишта.
Во дански Хернинг има голема сала со 12.500 места а во Загреб и во Берум ќе се игра во арени со капацитет од 15.000 места.
КОИ СЕ ФАВОРИТИ?
Данска отсекогаш и секаде била меѓу главните фаворити за самиот врв. Данците освоија три златни титули на ракометните собири по ред, го освоија и златото на Олимписките Игри во Париз а им фали само европската круна која ја освои Франција минатата година по драмата во продолженија.
После Данска, кладилниците во фаворити ги вбројуваат: Франција, Германија, Норвешка, Шведска и Хрватска.
ШТО ЈА ЧЕКА МАКЕДОНИЈА?
Избраниците на селекторот Кире Лазаров отвораат против сериозно силен противник, против Унгарија, во среда вечер од 20:30 часот. Во петок црвено-жолтите ќе се сретнат со Холандија од 18:00 часот а во недела од 18:00 часот Македонија игра против Гвинеја.
Досега е потврдено дека Македонија ќе ја бодрат најмалку 1.000 навивачи но треба да се има предвид и дека поради самата близина на градот Вараждин на хрватско-унгарска граница, ќе има сигурно и неколку илјади унгарски навивачи.
СИСТЕМОТ НА НАТПРЕВАРУВАЊЕ
Организацијата останува иста. Ќе се игра прво во осум групи со по четири репрезентации. Пласман понатаму ќе обезбедат првите три од секоја група и потоа ќе се формираат четири нови групи со по шест репрезентации. Бодовите ќе се пренесуваат (оние освоени против селекции во првата фаза, максимум може да се пренесат четири бода).
Во таа втора фаза ќе се играат уште три натпревари а по две најдобри селекции од четирите групи ќе одат во четвртфинале.
Сега нема да има разигрување за пласман од 5. до 8. место како што имаше во Полска и Шведска пред две години поради Олимписките Игри во Париз.
16 репрезентации првите две фази ќе ги играат во Хрватска, а 16 репрезентации во Норвешка и Данска. Четвртфиналето и едно полуфинале ќе бидат на програмата исто во Загреб, а финалето ќе се игра на северот од Европа во градот Берум во Норвешка.
НАГРАДЕН ФОНД
Како и во многу други спортови освен фудбалот, премиите и наградите ќе бидат скромни, парадоксално ниски. Вкупниот награден фонд на ИХФ (Светска ракометна федерација) ќе биде 200.000 долари. Светскиот шампион ќе добие 100.000, вицешампионот ќе добие 60.000 а бронзениот медал ќе добие 40.000 долари.
Од друга страна домашните, матичните федерации се решија за големи премии па така на пример Германија на своите ракометари им гарантира фонд од 500.000 евра да ги поделат меѓу себе ако освојат светско злато, 350.000 евра им дава за сребро а 250.000 за бронза па дури и 125.000 евра за четврто место.
КАДЕ ДА СЕ ГЛЕДА?
Македонската радио телевизија (МРТ) ќе врши пренос од натпреварите од Светското првенство. МРТВ ќе пренесува сите натпревари на македонската ракометна репрезентација а ќе пренсува и 13 натпревари од првата фаза како и од втората фаза и од самата завршница.
Термините се од 18:00 и 20:30 часот а некои денови ќе се пренесуваат и по два натпревари во истов реме, паралелно на првиот и третиот канал.
Потоа во главната рунда термините ќе бидат 15:30, 18:00 и 20:30 часот.
Светско првенство 2025, распоред на преноси:
14.01.25 – ВТОРНИК
18.00 / ФРАНЦИЈА – КАТАР (МТВ 1)
20.30 / АВСТРИЈА – КУВАЈТ (МТВ 1)
15.01.25 – СРЕДА
18.00 / ХОЛАНДИЈА – ГВИНЕЈА (МТВ 1)
20.30 / УНГАРИЈА – МАКЕДОНИЈА (МТВ 1 + МТВ 3)
16.01.25 – ЧЕТВРТОК
18.00 / КУВАЈТ – ФРАНЦИЈА (МТВ 1)
20.30 / ТУНИС – ДАНСКА (МТВ 1)
17.01.25 – ПЕТОК
18.00 / ХОЛАНДИЈА – МАКЕДОНИЈА (МТВ 1 + МТВ 3)
20.30 / ШВАЈЦАРИЈА – ГЕРМАНИЈА (МТВ 1) + ГВИНЕЈА – УНГАРИЈА (МТВ 3)
18.01.25 – САБОТА
18.00 / ФРАНЦИЈА – АВСТРИЈА (МТВ 1)
20.30 / ДАНСКА – ИТАЛИЈА (МТВ 1)
19.01.25 – НЕДЕЛА
18.00 / МАКЕДОНИЈА – ГВИНЕЈА (МТВ 1 + МТВ 3)
20.30 / УНГАРИЈА – ХОЛАНДИЈА (МТВ 1)
20.01.25 – ПОНЕДЕЛНИК
18.00 / ФРАНЦИЈА – АВСТРИЈА (МТВ 1)
20.30 / ШВЕДСКА – ШПАНИЈА (МТВ 1) + СЛОВЕНИЈА – ИСЛАНД (МТВ 3)
СВЕТСКО ПРВЕНСТВО, ГРУПИ:
Група А (Хернинг, Данска): Германија, Полска, Чешка, Швајцарија.
Група Б (Хернинг, Данска): Данска, Италија, Тунис, Алжир.
Група Ц (Пореч, Хрватска): Австрија, Франција, Кувајт, Катар.
Група Д (Вараждин, Хрватска): Унгарија, Македонија, Холандија, Гвинеја.
Група Е (Осло, Норвешка): Португалија, САД, Норвешка, Бразил.
Група Ф (Осло, Норвешка): Шпанија, Чиле, Шведска, Јапонија.
Група Г (Загреб, Хрватска): Словенија, Куба, Исланд, Зеленортски Острови.
Група Х (Загреб, Хрватска): Египет, Аргентина, Хрватска, Бахреин.