43 годишната Лорел Хабард ќе учествува како прв трансродов натпреварувач во женскиот тим на Нов Зеланд во дисциплината кревање тегови.
Во 2015-та година Меѓународниот олимписки комитет ги смени правилата за да им овозможи на трансродовите спортисти да се натпреваруваат, се додека нивото на тестостерон е под одредено ниво и се одржува една година.
Хабард која го смени полот пред осум години, беше критикувана дека има нефер предност кога почна да се натпреварува во женската супер тешка категорија.
Таа крена 285 кг за да се квалификува во женска конкуренција и освои два медали. Сребро на Светското првенство 2017 и злато на Пацифичките игри во Самоа во 2019-та. Во 2018-та претрпе сериозна повреда на грбот на Игрите во Комонвелтон.
„Благодарна сум за љубезноста и поддршката што ми ја дадоа толку многу жители на Нов Зеланд“, изјави Лорел Хабард.
Извршниот директор на Олимпискиот комитет на Нов Зеланд, Керејн Смит изјави дека е јасно дека Хабард ги исполни сите критериуми за да се натпреварува во Токио.
„Знаеме дека родовиот идентитет во спортот е многу чувствително и сложено прашање кое бара рамнотежа меѓу човековите права и правичност на полето на игра. Ние како тим имаме силна култура на вклучување и почитување кон сите“.
Белгијката Ана Ванбелинген, која најверојатно ќе се натпреварува против Хабард, смета дека нејзиното присуство би било „како лоша шега“ за жените натпреварувачи.