Спортот кој доживеа најмногу промени а остана убав за гледање

Деновиве одбојката ги нуди најдобрите натпревари од Светското првенство каде останаа врвни репрезентации. Вечерва се играат натпреварите од Final Six, последна фаза пред полуфиналните битки а тоа е шанса овој спорт уште повеќе да се популаризира.

Во меѓувреме ќе се потсетиме на еволуцијата на овој спорт кој ги менуваше правилата како ниту еден друг врвен спорт.

Меѓународната одбојкарска федерација (FIVB) редовно експериментира и додека едни експерименти завршија во канта, други се испоставија за генијални.

***

РЕТРО ПРАВИЛА

До 1999 година еден сет во одбојка се играше до 15 поени. Освен тоа на противнички сервис една екипа можеше да освои само право на свој сервис, не и поен како што е денеска во современата одбојка.

Таквите правила неретко водеа до мечеви кои траат и по три-четири часа.

Сево ова ги уморуваше и гледачите и организаторите а им правеше проблеми и на телевизиските канали кои често мораа да ја поместуваат вечерната програма затоа што преносот од одбојка траел повеќе од планираното.

Меѓународната федерација го знаела ова уште во 1988 година кога додала правило на освоен поен на противнички сервис во петтиот сет, но до конечниот «rally-point» каков што е денес се чекало 10 години.

Со новите правила еден сет да се игра до 25 поени одбојката станала подинамична и поинтересна но сеуште фалел идеален баланс.

На пример, финалето на Олимпијадата 1996 година меѓу Холандија и Италија се играло во пет сета и траело 2 часа и 31 минути а лудото дерби за злато во финалето на ОИ Лондон 2012 меѓу Русија и Бразил траело 22 минути пократко.

Сега, во денешно време играта губи време на некои други работи - празнување на освоен поен, подготовка за сервис, долги видео-прегледувања и повремени тајм-аути.

ВИДЕО-ПРЕГЛЕДИ НЕМАЛО СЕКОГАШ

И права загадка е како се играла одбојка без нив до 2012 година?

Ќе признаете дека претходно не знаевме колку често грешат судиите во одбојка и на тоа се обрнуваше помалку внимание. Веќе со воведувањето на генијалниот Hawk Eye стана јасно колку „разоружен“ и „немоќен“ е човекот кој седи на високо столче со свирче во уста. И не само тој туку и другите линиски судии со знаменца крај линиите.

Се испостави дека ни најобјективниот и најдобар судија на светот не е способен да види дали имало „прсти“ во блокот, дали топката го цивнала блокот или со нокт е пипната мрежата. 

Од моментот на воведување на „Око Соколово“, овој систем исправи безброј судиски грешки а и играчите се помалку влегувале во дискусија со главниот судија. Со Hawk Eye и со помош на судијата одбојката стана еден од најрегуларните спортови.

ИГРАА БЕЗ ЛИБЕРО

Правилото за воведување либеро е донесено во 1999 година.

На крајот од минатиот век одбојката беше игра на гиганти и великани, и како таква не му беше достапна на човек со стандарден раст. Една одбојкарска екипа се повеќе личеше на генетска експертиза - малите по раст ги тргаа на страна на порана возраст, го мереле растот и висината на нивните родители а да се влезе во топ-екипа без два метра висина било нереално.

Тогаш се родила идеја на паркетот да се додаде играч чија функција нема да зависи од растот. Претходно оваа позиција била поврзувачка но улогата на блок со секоја година се менувала а со неа и условите за раст и потребата од скок.

Идеалната варијанта ја „позајмиле“ од фудбалот - во одбојката се појавил голман кој во секој момент стои пред задната линија за прием на сервис или смеч и кој игра во одбраната а со тоа нема право да напаѓа и сервира.

ЗА ПОБЕДА ДАВАА 2 БОДА ЗА ПОРАЗ 1

До 2010 година важеше ова глупаво правило. Тогаш во Меѓународната федерација сфатиле дека нема поента поразената екипа да освои бод.

Ова правило го смениле со едно од италијанскиот систем (победа во 3 или 4 сета носи три бода, а победа во 5 сета носи два бода за победникот и еден за поразениот). И ова правило имало свои недостатоци.

На пример: екипата која ги победила сите натпревари на крај би можела да не биде прва - па затоа на крај решиле главен показател во одбојката да бидат победите а не количеството на бодови. 

МОЖНО БИЛО ДА БЛОКИРАШ СЕРВИС

Да, ова правило било на сила одамна, до 1984 година можно било противничкиот сервис да го блокираш. Правилото важело цели 14 години и тогаш блокот бил реткост затоа што уште немало снажни удари како денес. 

ЗАБРАНА ЗА ИГРА СО НОГА

Само во 1994 година на одбојкарите им било дозволено да играат со нога и тоа само ако топката е пониско од појасот. Играта продолжувала ако топката случајно се удри во реон повисок од колената а веќе во 1996 година стапи на сила можноста за активна игра со било кој дел од ногата.

Во современата одбојка често има и други можности во текот на поенот.

ЗАБРАНА ЗА ДОПИР НА МРЕЖА

Шест години (од 2018 до 2014) одбојкарите смееле да имаат контакт со мрежата во текот на игра, но не и со горниот дел каде што е антената и не смееле да извлечат предност од тоа.

Правилото изгледало логично но им ја отежнало работата на судиите кои се мачеле да определат кој дел од мрежата е допрен. Чиновниците морале да го изберат најпростиот начин - одново било забрането да се допира мрежата меѓу антените.

ОГРАНИЧУВАЊЕ НА ПАУЗАТА МЕЃУ ПОЕНИТЕ НА 15 СЕКУНДИ

Во 2013 година FIVB донела правила за времетрањето на празнување на освоен поен и подготовка за сервис. Само 10 секунди по завршување на поенот судијата дава знак со свирчето за нов сервис чија подготовка не смее да биде подолга од 5 секунди.

Ова е јасен обид да се зголеми процентот на активна игра, да се скрати губењето време на надворешни атрибути. Но и покрај тоа ова правило не успеало во целост - галамата, метежот и конфузијата при освоен поен ја прави одбојката да личи на гужва на автобуска станица.

ПАРТИИ ДО 15 ПОЕНИ, НАТПРЕВАРИ ВО 4 СЕТА

Најсвеж експеримент е минатогодишниот кога тестираа ново правило на машкото и женско Светско првенство за играчи до 23 години (U-23). 

Целта е играта да биде уште подинамична, да се играат пократки натпревари и да се искористи максимум од играчите.

Над ова правило работеле неколку топ тренери меѓу кои Бразилецот Зе Роберто, Американците Карч Кирај, Хју Макатчен и Италијанецот Џовани Гвидети но поголема поддршка од другите колеги не добиле.

26 септември 2018 - 14:52