Температурата во Британските Девствени Острови е над 30 степени во текот на целата година и таму никогаш нема снег. Но оваа мала островска Земја во Карипското море има своја скијачка федерација која има само еден единствен член - Питер Крук.
21-годишниот Питер е само вториот спортист од оваа земја кој настапувал на Зимски Олимписки игри. Во 1984-та година БДО на ЗОИ во Сараево ја претставуваше лизгачот Ерол Спенс, а 30 години подоцна нивното знаме се вее и во Сочи благодарение на Питер Крук.
Тој е роден во Британските Девствени Острови, но со неговото семејство се преселиле во САД пред десетина години каде и започнал да скија.
Неодамна тој го контактирал Олимпискиот комитет од оваа земја и им предложил да оформи скијачка федерација за да може да настапи на Олимписки игри.
„Кога првиот пат отидов во Олимпискиот комитет на БДО, тие мислеа дека им зборувам за скијање на вода", изјави Крук.
Неговиот татко официјално се води за претседател на скијачката федерација, а тој е единствен член и секако беше знаменосец на отворањето на Зимските Олимписки игри во Сочи.
Фристајл скијачот настапи во дисциплината халфпајп и успеа да го избегне последното место пласирајќи се на 27-та позиција од 28 натпреварувачи.