ВАДА во Женева презентирала извештај од 325 страни со докази за допинг на руски атлетичари кои користеле недозволени средства подолг период и бара од Интернационалниот олимписки комитет да ги суспендира руските атлетичари и да не им дозволи да се натпреваруваат на Летните Олимписки игри во Рио наредната година.
Скандалот во Светската анти-допинг агенција го опишуваат како многу посериозен отколку што очекувале, а во извештајот го обвинуваат директорот на лабараторијата во Москва, Григориј Дорченко за уништување на 1.417 тестови за допинг.
Наредбата била дадена директно од министерот за спорт, Виталиј Мутко, а во периферијата на Москва била направена тајна лабараторија каде допинг тестовите биле контролирани пред да бидат предадени на официјални тестирања.
ВАДА ја обвини и руската тајна служба која одиграла голема улога во прикривањето на позитивните допинг тестови на атлетичарите. Од таму тврдат дека лабараторијата не може да биде независна бидејќи се мешале државната агенција и тајната служба, а телефоните на вработените биле прислушувани.
Според нивниот извештај Дорченко изнудувал и пари од спортистите за да ги крие доказите за допинг, а истата лабараторија ги гледала тестовите за Олимпијадата во Сочи 2014, а тоа требало да го прави и за Светското фудбалско првенство во 2018-та.
Барањата на Светската анти-допинг агенција се одземање на лиценцата за работа на лабараторијата и отпуштање на директорот, потоа суспензија на Атлетската руска федерација во период од две години, доживотна забрана за натпреварување на пет атлетичари меѓу кои и познатите Марија Савинова и Екатерина Поистогова кои освоија медали во Лондон 2012-та, како и суспензија за пет тренери.
Министерот Мутко кој е исто така и член на Извршниот комитет на ФИФА, ги негираше обвинувањата на ВАДА и изјави дека не знаел за мешањето на тајната служба и изнудувањето пари од спортистите.