Русинот Александар Третјаков викендов ја израдува својата земја со златото во дисциплината скелетон, но неговиот успех не беше прифатен со големо воодушевување во другите земји.
На втората позиција заврши Мартинс Дукурс од Летонија, а на третото место се пласираше Метју Ентоан од САД, па по натпреварот најгласни беа медиумите и љубителите на зимските спортови овие две земји, посебно оние кои веруваат во теории на заговор.
Според нив, постојат неколку фактори кои наведуваат дека натпреварот бил наместен, а клучни факти кои тие ги наведуваат се:
- Третјаков има идентични четири стартни времиња - 4.47. Тоа не само што е скоро невозможно и не се случило никогаш до сега, туку е и рекорд на патеката.
- Претходно кога Третјаков настапувал на оваа патека имал стартни времиња 4.55 и 4.59.
- За време на телевизиските преноси беа прикажани стартовите на сите натпреварувачи, освен на еден - победникот. Ниту еден старт на Третјаков не беше прикажан во целост и режисерот на преносот неколку секунди прикажуваше кадри од публика.
Видео од летонската телевизија:
Ова не е прв пат Русите да бидат обвинети за местење во овие дисциплини на Зимските Олимписки игри. Откако Канада заврши на четвртата позиција во санкање, тренерот на тимот обвини дека домаќините ја саботирале патеката.
Температурата на патеката секогаш се контролира, па натпреварувачите можат да бидат успорени со мало затоплување на ледот. На тој начин според канадскиот тренер, Русите стигнаа до сребро, а Канада и Австрија кои беа фаворити на ова натпреварување, останаа без медал.