Настапите на Аслан Карацев се како филмска приказна. На 27 години првпат заигрува на еден Гренд Слем и тоа како квалификант и стигнува до големото полуфинале каде го чека Новак Ѓоковиќ.
Карацев повеќе од 10 години игра по мали турнири, а сега за неколку дена на Австралија Опен заработи повеќе отколку за цела кариера претходно. Првпат влегува во Топ50 а наскоро би можел да влезе и во Топ20. Како на филм.
Русинот пред 1 година бил 253-ти на ранг листата. Сега сигурно ќе биде 42, ако влезе во финале 28 а ако направи чудо и го освои Австралија Опен ќе биде 14-ти на ранг листа!
27-годишниот тенисер од Владикавказ за една недела направи нешто што илјадници тенисери не можеле за цели кариери.
Аслан го почнал овогодинешниот Австралија Опен како 114-ти тенисер на светот и стана најнискорангиран полуфиналист во историјата на Гренд Слем после Горан Иванишевиќ кој направи сензација на Вимблдон 2001 кога ја освои титулата откако доби вајлд карта.
*****
Во јули минатаа година тој заминал во САД да тренира за време на пандемијата.
На професионално ниво на АТП дебитирал во 2013-та, потоа освоил еден Челенџер во 2015-та, а во 2016-та ја поминал задолжителната образовна програма на АТП за млади професионалци. Првиот светски рекет Новак Ѓоковиќ откако го победи Зверев и се пласираше во 1/4 финале, долго време зборуваше пофално за Карацев и изјави дека неговиот бекхенд е права руска тениска школа.
А Карацев не живеел само во Русија. Пропатувал 5 земји и тренирал на многу подлоги.
„Почнав да играм тенис во Израел. Се преселив таму со моите кога имав 3 години. Мој прв тренер беше Владимир Рабиновиќ“.
На 12 години станал јуниорски шампион на Израел, а на 14 се вратил со семејството во Русија. Прво во Таганрог па во Москва.
„На 21 година тренирав во Германија, во академијата во Хале. Таму имаше добри тренери но не беше тоа тоа, па решив да се преселам во Барселона да тренирам таму“.
Во 2017-та година доживеал повреда на коленото која подолго време го оддалечила од терените, но никогаш не помислувал да го напушти тенисот. Севкупно со се квалификациите, Карацев на Австралија Опен победи на 9 меча. А од март лани имал 34 победи на 40 натпревари.
Интересно, од моментот кога почнал да игра тенис па до почетокот на Австралија Опен заработил 618.354 долари. Сега, после само 5 меча во Австралија заработил 662.000 долари!
Тој стана само петти тенисер во историјата кој од квалификации стигнал до полуфинале. Претходно ваков подвиг направиле Џон Мекинро (Вимблдон 1977), Боб Гилтинан (Австралија Опен 1977), Филип Девулф (Ролан Гарос 1977) и Владимир Волчков (Вимблдон 2000).
На пат до големото полуфинале против Новак Ѓоковиќ, Аслан Карацев ги елиминираше: квалификантите Брендон Накашима, Макс Пурсел и Александар Милер. Во 1. рунда од главната ждрепка го победи Диего Шварцман (прв триумф над играч од Топ10 во кариерата), па го совлада Феликс Ола, Григор Димитров и сега го чека Новак.