Богаташите во денешно време можат да си купат дури и настап на Олимписки игри, но понекогаш ќе се помеша кармата и ќе расипе сè.
Таква е приказната на брачниот пар Гери и Анџелика ди Силвестри од САД. Гери е роден во Њујорк каде има своја компанија и големо богатство. Тој студирал во Италија каде ја запознал својата сопруга и тие пред неколку години заедно работеле на хуманитарни акции во Доминика заради што добиле и државјанство од оваа држава.
Малата островска земја од Карипското море неодамна добила покана од Меѓународниот Олимписки комитет да испрати свои претставници на Зимските Олимписки игри, па тие им се обратиле на своите почесни државјани.
Брачниот пар со воодушевување го прифатиле повикот и основале скијачка федерација, со што добиле право да настапат во Сочи.
Гери и Анџелика се појавија на отворањето на Зимските Олимписки игри во Сочи и ја имаа таа чест да бидат првите претставници на Доминика во историјата на ова натпреварување.
Но тука нивната бајка се претвори во кошмар. Во Олимпиското село пукнала цевка и водата во чешмите била загадена. Гери не приметил дека водата со која се тушира е со друга боја, а потоа и си измил заби.
Следниот ден добил стомачен вирус и силни болки, па морал да биде хоспитализиран. Откако неговата сопруга го оставила во болницата, таа отишла на тренинг да ја испроба патеката за крос кантри, но паднала и се повредила.
48-годишната Анџелика требаше да биде најстарата натпреварувачка во ски трчање во олимписката историја, но наместо тоа, таа заврши на операција со скршен нос.
Гери успеал да стане од болничкиот кревет и се појавил на стартот на трката на 15 километри заедно со нашиот Дарко Дамјановски, но заради болките во стомакот се откажа по првиот километар.
Капак на сè била и непријатната вест која ја добиле од дома. Властите во САД повторно ја отвориле истрагата за случајот во кој Гери и Анџелика се осомничени за даночна измама. Пред неколку години тие продале недвижен имот на приватен остров, а пријавиле многу помал износ. Сега тие се под истрага од државата, а ги тужи и бизнисменот на кого му го продале имотот и тој од нив бара 28 милиони долари.
Така тие наместо да настапат на Олимписките игри, дома ќе се вратат искршени, исцрпени и тужени, а им ја доделуваме и нашата титула за офсајд ликови на денот.