Договорот на Валверде со Барса истекуваше на крајот од сезонава, но клубот не можеше да чека, особено по серијата од 5 меча без победа.
Наместо Валверде на најпосакуваната клупа на светот седнува 61-годишниот Кике Сетиен кој доби 2,5 годишен договор.
За него сме пишувале порано. Се работи за човек кој во есента 2017-та како тренер на Бетис го надигра Реал Мадрид (победа од 1:0), во септември 2018 постави рекорд во Ла Лига според посед на топка (82,5% против Леганес, такво нешто немала ни Барса на Гвардиола), во ноември 2018 Бетис и даде на Барселона 4 гола на „Камп Ноу“ и славеше 3:4, а во мај 2019 уште еднаш го победи Реал Мадрид, 2:1.
Симпатичниот Кике Сетиен има јасна филозофија: кратките пасови се пат до победата. Тој еднаш изјавил дека бил среќен кога навивачите престанале негативно да реагираат ако топката се врати до голманот и тргнува акција со кратки додавања.
„Така е можно да ја контролираш топката. Да преминеш на половина на противникот, дури и по цена да одиграш повеќе додавања наназад. За такви додавања постојано мора да се бара слободен играч кој ќе донесе предност при водење на топката напред“, рекол Кике.
ПРВАТА ФУДБАЛСКА ЛЕКЦИЈА ЈА ДОБИЛ ОД КРОЈФ
Тренерската филозофија на Сетиен добила смисла за време на мечот на неговиот Расинг Сантандер против Барселона на Кројф кога Кике бил играч. На тој меч трчал 90 минути по топката и останал фасциниран: „После си реков себеси: „Ова е прекрасно! Сакам да бидам дел од таква екипа и уште повеќе сакам да дознаам како го прават тоа? Како екипата може постојано да владее со топката а противникот да трча по него цел натпревар?“
Играл 10-ка, организирал игра во среден ред (настапувал за Сантадер, Атлетико Мадрид, Логроњес и Леванте).
Сетиен важи за иноватор во фудбалот. Тој ја бранел теоријата дека дефанзивен фудбал може да се игра и со тројца стопери позади што е синоним за напаѓачка формација.
ГОЛЕМ ЉУБИТЕЛ НА ШАХОТ, ГО ПРИМЕНУВА И ВО ФУДБАЛ
Кике Сетиен има играно партии против Карјакин, Крамник и Каспаров, великани на светскиот шах. Има дури и дадено интервју во кое ги споредува шахот и фудбалот:
„Има сличности. Што подобро го контролираш центарот на таблата или теренот, толку ти се поголеми шансите да победиш. Шахот ме научи да го анализирам и разберам фудбалот како што не умеев претходно. Важно е да се предвиди што ќе се случи после некое време, поважно отколку да се концентрираме на таблата само во моментот“.
Поранешниот тренер на Бетис многу ќе биде среќен што ќе работи со Меси. После мартовскиот меч на кој Лионел му даде два гола од слободен удар на Бетис, а навивачите на овој клуб со овации го испратија Аргентинецот од теренот, Сетиен го нарече Меси драгоценост:
„Многу ми се допадна реакцијата на нашите навивачи. Го оценија големиот фудбалер од кого настрадавме. Но обично ние уживаме во неговата игра. Јас немам видено таков фудбалер како Меси никогаш во историјата. Игра така веќе десет години. Не знал дали Пеле бил толку стабилен“, рекол Сетиен.
Од Бетис Кике Сетиен замина во втората полусезона на Ла Лига лани. За ова беше заслужна црната серија од март до мај кога Бетис имаше 3 победи, 3 нерешени и дури 8 порази. Сезоната а заврши со победа над Реал но веќе беше доцна. Во предминатата сезона Бетис со Кике Сетиен беше шести во Ла Лига и стигна до место во Лига на Европа и полуфинале на Кралскиот Куп.
Во меѓувреме Барселона го бараше Чави да стане тренер на екипата. Извршниот директор на клубот Оскар Грау и спортскиот и технички директор Ерик Абидал отишле до Катар да го убедат Чави што побрзо да седне на клупата, но тој ги одбил пред сè поради почит кон Ернесто Валверде кој сè уште беше тренер и поради договорот кој го има со неговиот клуб Ал Сад.
Роналд Куман исто така одбил да го смени Валверде. Поранешниот фудбалер на Барселона во моментов е селектор на репрезентацијата на Холандија која што ја однесе на Европско 2020 година. Куман исто сака да работи со Меси, но не бил спремен да ја напушти репрезентацијата пред ЕП летово.
Пеп Гвардиола јавно го поддржа Валверде. Тој рекол дека му е многу жал за него зошто не заслужувал таков однос и дека се надева како ситуацијата скоро ќе се реши. „Тоа го сакам како член на клубот“, изјавил тренерот на Сити.
За Валверде беше и Андрес Иниеста кој побара од Барселона поголема почит кон поранешниот тренер.
Валверде ја остава Барса како лидер во Ла Лига (иако Каталонците имаат 40 бода во првата полусезона што е најлош резултат за 11 години). Во Лига на шампиони Барса заврши прва во групата Ф. Со Валверде на клупата, Барселона освои две титули во Ла Лига, Куп и Супер Куп на Шпанија.
Но сите му ги памтат дебаклите од Рома и Ливерпул во Лига на шампиони.