Интервју на Борис Бекер

Новак зборува седум јазици и се разбира во политика, економија, спорт

Поранешниот германски ас зборува за соработката со српскиот тениски ас и причините поради кои му станал тренер. Преговорите траеле два дена во Монако. Ѓоковиќ без Бекер освои 5 Гренд слем титули за 10 години, а со него 5 за 2 години.

Вашиот ученик Новак Ѓоковиќ ја освои наградата „Лауреус“. Кога престанавте со шампионските тениски денови имавте на ум дека ќе станете тренер? Во основа подготвувавте програма за млади таленти.

За да бидам попрецизен бев капитен на германскиот тим на Дејвис купот и имав задача да ги следам младите во период од 5 години. Под мене имав двајца тренери и 25 спортисти.

Како се случи соработката со Ѓоковиќ?

По повеќе од 10 години, односно по првото искуство на Дејвис преминав на вашата страна. Бев тв коментатор на големите турнири за БиБиСи и Скај. Новак можеби слушнал некои мои коментари за време на периодот во кој тој не стана број 1 во свет и неколку финалиња на Грен слем турнирите. Можеби им обрнал внимание и помислил дека тоа што го зборувам може да му помогне.

Така дојде кај вас?

Не, тоа беше во Јоханесбург на една конференција кога примив телефонски повик. Беше 1 октомври 2013 година.

Директно од Новак?

Ми се јави неговиот менаџер, Едвард Арталди кој има работено за Лото, а јас бев амбасадор на оваа компанија со години. Бевме пријатели, а тој ми рече: Имаш поздрав од Новак, можеш да се замислиш како негов тренер? Јас му одговорив: фала на цвеќињата, го почитувам Новак, да се најдеме во Монако и да зборуваме. По една недела се најдовме, преговорите траеа 48 часа, потоа се договоривме и за една недела почнавме да работиме заедно.

Многу брзо станавте тренер...

Јас сум head coach, може да го преведеме и како технички директор. Водам тим од четворица, а меѓу нив има двајца физиотерапевти и еден кондиционен тренер, кој е со него долго време. Не го тргнав на страна ниту Маријан Вајда, тренерот со кој Новак израсна, бидејќи тоа би било глупост. Тој е важен дел од мојата работа. Јас сум оној кој треба да поднесе одговорност ако Новак има слаби резултати.

По поразот во Монтекарло рековте дека е уморен. Физички или психички?

Не физички, туку неговите батерии со нерви беа празни. Април месец е и веќе го освои Мелбурн, потоа два Мастерс турнири во Флорида и Калифорнија, Доха во јануари и сето ова на многу високо ниво. По првиот дел од една ваква сезона, шампионите имаат потреба од еден месец опоравување. Но тој сакаше да игра во Монако, каде впрочем и живее. Отиде во понеделник, а во вторник беше на терен. Треба да ја признаеме заслужената победа на младиот талент. Понекогаш првото коло е потешко од финалето.

Имало ли проблеми меѓу вас, бидејќи сте две големи ѕвезди?

Проблемот со ѕвездите кога ќе станат тренери се јавува ако сè уште се ставаат во прв план себеси. Вниманието треба да биде насочено кон тој што го тренираш, а не обратно. Ѕвездата која тренира треба да преземе еден чекор и да фокусот да го насочи кон новата ѕвезда. Треба да бидеш зрел за да ги разбереш новите правила на игра. Тоа што е важно сега е тој.

Што ви се допаѓа најмногу кај Новак?

Се работи за човек кој го сака спортот, не само тенисот. Се разбира од фудбал, атлетика, кошарка и учи од сите. Исто така е и скромен. Зборува седум јазици и секогаш сака да се подобрува. Тој не ја заборава реалноста која го опкружува. Новак е интелектуалец. Им помага на децата, има големо срце, вистинско задоволство е да се работи со него. Има правилен поглед на животот и со него можеш да зборуваш за политика, економија...

Ако гледате назад мислите дека требало порано да ја почнете тренерската кариера?

Немаше да бидам подготвен. Еден тренер може да стане добар во вистинскиот момент. Погледнете и во фудбалот. Зидан беше фантастичен и сега го носи Реал Мадрид накај финале. Тој има мозок за да биде шампион. И вие во Италија имате многу такви. Конте беше одличен играч и добро му оди и со репрезентација. На ЕП нема да биде лесно да се победи Италија.

Ви беше корисно тоа што бевте коментатор?

Дефинитивно, бидејќи кога го коментираш на тв Вимлдон работите ги гледаш на поинаков начин, а од терен ти бегаат. Новак ме побара поради тоа.

Како ќе го подготвите за Ролан Гарос?

Имаме две недели за тренирање и потоа имаме турнири во Мадрид и Рим.

Што мислите за најновите случувања со допинг во тенисот?

Тенисот е олимписки спорт каде треба да се почитуваат правилата. Што се однесува до Шарапова не го знам случајот во детали, но пресудата сè уште не е донесена, ќе мора да се почека. За машките тенисери ја ставам раката во оган ако првите 10 играчи во свет користеле допинг.

Олимписките игри се цел на Ѓоковиќ?

Игрите во Рио се многу важен настан. На последните две изданија во Лондон и Пекинг играа најдобрите. Во Лондон победи Мареј, а во Пекинг Надал. За Новак кој нема освоено Олимпијада тоа ќе биде поттик повеќе и ќе учествува сам и во двојки.

Газета дело спорт

19 април 2016 - 12:16