
Од кај да почнеме. Од врвот, нормално. Избери која статистика ја сакаш. Само немој од оние измислените, од типот, „рекордер по број на последователни осминафиналиња на Вимблдон при облачно време“. Нејсе, и за повеќето од тие новокомпонираните, котира во топ три. Не знаат што да направат повеќе да му го девалвираат безвременскиот успех. Очекувам да измислат петти Слем во Мадрид наскоро, или добиено финале без изгубен сет да се брои за две титули. И така да биде, чисто се сомневам дека може некој да го стигне. Патетични сте. Уживајте бре во моментите кои ви ги нуди, бидејќи има уште малку до зајдисонце.
Број 99. Олимписки игри во Париз. Единствениот дел што преостана, the missing puzzle, од сложувалката на бессмртноста, е тука. Тоа е тоа, „ја сврти играта“. По којзнае кој пат ги поместува границите при врвот. Делириум во тенискиот свет. Вештачка интелегенција ни сервира негови слики како освојува титули на 50+. Еуфорија на ниво. „Нормално, ќе освои преку 30 гренд слемови, сигурно 120 титули во најмала рака.“ Не, не е нормално. Човекот ја подигна летвичката за „нормално“ до небесата и ни‘ ja смени перцепцијата за тоа од корен.
Поради него, навикнавме на новото нормално. Се очекува ист перформанс и на 25, и на 37 години. Им пркоси на годините и на новите генерации. Ги редефинира границите на издржливост на телото. Вложува во себе на милион начини да не и дозволи на природата да си го направи своето. Сепак, се знааат крајниот победник и конечниот резултат на таа битка, но целта е да се издржи што подолго во рингот.
Неполни осум месеци без титула. Два слема и неколку „илјадарки и петстотчиња“. Фрустрации и неверување од квази фанови. Плукање од хејтерски табори. „Готов е, му помина времето, толку му беше силата. Нека остави простор на младите, нека не се бламира повеќе.“
Никогаш нема да го сфатите вие таквите. Човекот наоѓа мотивација да игра со деца на кои може да им биде татко или има дупло години од нив. Сулудо. А тие, останатите генерации, измеѓу него и децата, не им остана многу. За жал се родиле за време на три тениски дивови. Ај, добро, нека бидат четири. Енди нека не се лути. Сепак, „наш“ е сега. Ќе му прогледаме низ прсти.
2025 лошо почна. Сепак, да не заборавиме, за балканец се работи. Еве, по којзнае кој пат, во Мајами тој инает проработува. Не е само инает де. Макотрпна работа, балканска жилавост испреплетена со спартанска дисциплина, духовна сила и национална гордост. Е, мои драги, западњачки душебрижници, кога сето ова горенаведево ќе се поклопи, богами, најебали сте, во секоја смисла.
Ајде мајсторе, вечерва за стотче! Не дека е битно, не дека исходот ќе смени нешто во твојот статус на тениски бог и goat, но сепак, ајде, поради нумерологија, поради себе, поради нас!
Ајде, затни им ја устата на сите паметњаковци и докажи им уште еднаш, по илјадити пат, зошто си тоа што си. Ајде, за сите мои непреспани ноќи во последниве 20 години. За секојпат кога ја молев мајка ми да остане во кујна по цел сет, или цел саат, дека, наводно, тогаш ти иде. За секоја воздишка при спасена меч топка и еуфорично урлање при добиен сет. За секојпат кога колегите од работа ќе ме прашаа, „Ах бе Љупчо, шо си така мамурен, случајно да не заглави во некоја кафана сношти?“. Aха, викам, да. Мелбурн Парк се вика. Не е многу позната, ја отвораат само во Јануари на две недели. (Шо знаат Германци за тенис освен за Бекер и Граф.)
Ајде Ноле! Нека се смее и Ђоле таму горе и нека ја почува „Неки нови клинци“ во некоја фиока уште некое време. Не мора да биде 25-ка, не ти замеруваме, ама стотче нека биде вечерва во Мајами! Прослави со Јовиќ и Батлер после. Ако уште се вртка тука Џими. И Меси викни го де, дечко од твој калибар е. Нека биде ноќ за паметење, нека биде ноќ за стотче! Идемо бре!
Љупчо Попоски