Популарноста на НХЛ лигата веќе неколку години е во постојан раст. Константно се зголемуваат приходите на екипите, растат платите на играчите, спонзорските договори се зголемуваат, а добар показател за популарноста е и зголемениот интерес кај гледачите.
На првиот ден од оваа година и покрај смрзнувачките температури, преку 105 илјади гледачи се собраа на стадионот во Мичиген за да го проследат традиционалниот хокеј "Winter Classic" на отворено и да постават нов рекорд за посетеност на еден хокеј натпревар.
Интересот не беше голем само за овој натпревар, туку хокеј арените константно се полни во текот на целата сезона, нешто за што нивните колеги од НБА можат да им позавидат.
И бројките потврдуваат дека НХЛ лигата е попопуларна од НБА. Оваа сезона дури 15 НХЛ екипи имаат продадено 100% од влезниците за секој натпревар кој го одиграле до сега. Во НБА тоа им успеа само на осум (Чикаго, Далас, Мајами, ЛА Клиперс, Хјустон, Голден Стејт, Њујорк и Оклахома Сити).
Хокеарите распродаваат повеќе и покрај тоа што нивните влезници се поскапи. Просечна цена на една влезница за НХЛ натпревар е 61,01 долар, а во НБА влезниците во просек се продаваат за 50,99 долари.