Лекарите на олимпискиот тим на Велика Британија кој ќе брои 550 натпреварувачи на претстојните Олимписки игри во Лондон, ги советуваат спортистите да избегнат ракувања. Според медицинскиот тим, личната хигиена е клучен фактор за добрите резултати.
„Тешко е кога треба да поминете ред од дваесетина луѓе со кои треба да се ракувате, а пред тоа никогаш не сте ги виделе во живот. На Олимписките игри или на било кое друго натпреварување, резултатите можат да зависат од тоа дали некој се разболел или не се чувствува добро. Тоа може да биде одлучувачки", изјави Иан Макерди, член на медицинскиот тим.
Оваа препорака веќе наиде на критики од британската јавност. Според некои коментари, избегнувањето на ваков контакт може да биде протолкувано како непристоен гест од негостољубивите домаќини.
Британскиот тим на минатите Олимписки игри во Пекинг 2008-та година заврши на четвртото место според бројот на освоените медали.