Русија владееше во Русија
Русија освои 13 златни медали, два повеќе од Норвешка. Натпреварувачите од Русија освоија вкупно 33 медали или пет повеќе од САД. Ова е прв случај домаќинот да биде на првото место според златните медали и вкупниот број на медали уште од ЗОИ Осло 1952.
Американците претплатени за бронза
Натпреварувачите од САД имаа силни адути за овие ЗОИ, но потфрлија во уметничкото лизгање, брзото лизгање, скијањето, хокеј... Тие освоија вкупно 12 бронзени медали и по трет пат на последните четири ЗОИ завршија на прво место според оваа категорија.
Холандија владее во брзо лизгање
Лизгачите од Холандија освоија 23 медали (осум златни, седум сребрени и осум бронзени). Сите други тимови заедно освоија 13 медали во брзо лизгање.
Падот на Германија
Во првите денови Германците поведоа на листата на медали откако освоија четири злата во санкање. Но откако завршија натпреварите во санкање, започна падот на Германија и на крајот тие завршија шести. Тоа е најлош резултат на Германија во последните 46 години.
Холандија доби највеќе со најмалку
На овие Олимписки игри Холандија имаше 41 натпреварувач и тие освоија вкупно 24 медали. Тоа е по еден медал на секој 1,7 натпреварувач. Канада освои само еден медал повеќе со 221 спортист. Зад Холандија се Белорусија со шест медали на 24 спортисти и Норвешка со 26 медали на 134 натпреварувачи.
Хрватска најмала со медал
Во Сочи имаше 11 Хрвати и тие освоија еден медал. Најголеми делегации кои останаа без медал се Романија и Естонија кои имаа по 24 натпреварувачи.
Белорусија е изненадувањето
На претходните пет ЗОИ кога настапувале спортисти од Белорусија, тие имаа освоено само еден златен медал. Во Сочи Белорусија освои пет златни медали и заврши на осмата позиција на листата на медали.
Ледениот Исланд не го бива за зимски спорт
Разбирливо е што Македонија, Бразил, Либан, Того... не освоија медали, но тотално несфатливо е колку Исланѓаните не ги бива за зимски спортови. Тие немаат освоено ниту еден медал во историјата на Зимските Олимписки игри, а во Сочи имаа само пет натпреварувачи кои немаа пласман подобар од 34-то место.
26 е магична бројка
На првите 44 настани, 26 различни држави освоија медал со што се израмни рекордот од претходните две Зимски Олимписки игри во 2006 и 2010. И толку. Ниту една друга држава потоа не освои медал на вкупно 98 натпреварувачки дисциплини.
Бјорндален во легендите
Две години откако Мајкл Фелпс стана најтрофеен натпреварувач на Летни Олимписки игри, Норвежанецот Оле Еинар Бјорндален стана најтрофеен во историјата на Зимските Олимписки игри. Тој во Сочи го освои својот 13-ти медал, а неговата сонародничка Марит Бјерген стана најтрофејна олимпијка откако го освои шестиот медал.