Најк потпиша договор со играчот кој не стана на химната - во САД сега горат нивни производи

Синоќа компанијата Nike соопшти дека 30-годишниот играч во американски фудбал, Колин Каперник ќе стане нивно официјално лице во новата рекламна кампања со светски познатиот слоган Just Do It. Тоа предизвика бурни реакции во Америка.

Каперник не влегол на терен уште од 2016-та, но без разлика на тоа тој е најозборуваниот играч во цела НФЛ. Зошто?

Во предсезоната 2016, Каперник кој тогаш играше за Сан Франциско одбил да стане за време на традиционалното интонирање на химната на САД пред почетокот на секој меч во НФЛ.

„Нема да се претворам дека гордо го носам знамето на земјата која ги угнетува црнокожите луѓе и другите раси. Тоа е поважно од мене отколку фудбалот“, изјавил тогаш Каперник.

Каперник одиграл цела сезона за Сан Франциско и во меѓусезоната 2017 станал слободен агент. Од тогаш до денес бил невработен иако неговата позиција квотербек освен што е најважна на теренот, била и дефицитарна.

„Од 1970 година кога се појави современата НФЛ лига немало ниту еден квотербек кој можел да игра како Каперник во 2016, но не доби шанса да потпише договор со ниедна екипа“, напишал во една статија Бил Барневел, реномиран стручњак за НФЛ и новинар на ESPN.

Сега Каперник се суди со НФЛ лигата затоа што смета дека клубовите од лигата не му нуделе договор поради настанот со химната.

Навивачите на Мајами барале од Каперник да стои за време на интонирање химна

Случајот Каперник брзо станал потврда за тоа дека во САД системски се нарушуваат правата на афро-американците. Некои се на негова страна, некои се против него.

Овие вториве максимално збеснале кога ја слушнале објавата на Nike дека потпишал договор со него. Во знак на револт тие сега уништуваат сè што имаат од Nike.

Колин Каперник станал официјален лик во новата рекламна кампања за 30-години стариот слоган Just Do It. Во оваа кампања се уште и Серена Вилијамс, Леброн Џејмс и скејтбордерката Лејси Бејкер.

****

Стигна реакција од Трамп

Американскиот претседател јавно одговори на одлуката на Најк да го промовира Колин Каперник во нивно заштитно лице за рекламната кампања.

„Мислам дека е ужасна пораката која што (Најк) ја праќаат и намерно ја прават, можеби имаат причина за тоа. Но мислам дека пораката е ужасна и е порака која не смее да се праќа. Нема причина за неа. Јјас не се согласувам со рекламата со Колин Каперник и мислам дека јас не би ја направил, од друга страна земјата се залага за слободи да се прават нешта што другите луѓе мислат дека не треба да се прават. Лично сум на другата страна.“, рекол Доналд Трамп.

5 септември 2018 - 13:23