Потребно е да погледнете само една трка и да видите кои спонзори се наоѓаат на сите реклами на болидите и насекаде наоколу на патеките, за да заклучите дека во Формула 1 се вртата милијарди евра.
Денес го нема Михаел Шумахер, седум-кратниот шампион кој на своите најдобри денови заработуваше по 70-80 милиони евра од плата и спонзори, но и денешните асови не можат да се жалат од нивните плати. А од платите и премиите не можат да се пожалат ниту илјадниците вработени во тимовите кои си земаат свој дел од колачот.
И покрај тоа што Себастијан Фетел е неприкосновен на патеките во последните четири години, тој не е најдобро платениот возач. Пред него се Шпанецот Фернандо Алонсо и Британецот Луис Хамилтон кои заработуваат по околу 20 милиони евра. Фетел од Ред Бул зема „само" 12.000.000, но разликата зад неговите конкуренти тој ја надокнадува со бројните спонзорски договори.
Но има и неколку возачи кои се за „жалење" ако им ги споредуваме платите со најдобрите. Макс Чилтон, Ван дер Гарде и Шарл Пик заработуваат по 150.000 евра годишно.
Возачите се најекспонирани во Ф1, но во позадина тимовите имаат по неколку стотина вработени, а некои од нив заработуваат и повеќе од шоферите.
Ликовите како шефот на Ред Бул, Адријан Њуи заработуваат и до 10 милиони евра по сезона, а добро се платени и инженерите. Платите на вработените се разликуваат од екипа до екипа, а инженер од една просечна екипа како Лотус или Форс Индија заработува 110.000 евра годишно (9.000 евра месечно). Механичарите во боксот кои ги менуваат гумите на пит-стоп секој први земаат плата околу 4.000 евра, 3.500 евра плата имаат возачите на камиони кои ја пренесуваат опремата, а секретарките во просечните тимови заработуваат по 2.000 евра месечно.