Колега Стиков! Колега Стиков!
Овие два збора ми ја креваа косата на глава секој пат кога требаше да прошетам со татко ми низ град. Прошетка што требаше да трае десет минути, траеше саат време затоа што луѓе го запираа татко ми на улица и го прашуваа за Вардар, за Вишњевац, за Панчев… Мислам дека му годеше вниманието. Знаеше дека кога тој зборува, луѓе слушаат.
Неговиот глас одекнуваше низ цело Скопје во недела попладне. Се слушаше од семкарите, од дворовите на љубителите на фудбалот, се слушаше дури и на стадион оти гледачите си носеа со себе транзистор за да го слушаат преносот на Аце од истиот натпревар на кои самите присуствуваа. Му веруваа на Аце повеќе отколку на сопствените очи. Зборот инфлуенсер не постоеше тогаш, но татко ми беше токму тоа, човек кој можеше со еден збор да влијае врз симпатиите на милионска публика.
Можеше, ама не го правеше тоа. Напротив, инсистираше на умереност и мрaзеше суперлативи. Се случуваше со саати да бдее над напишаниот текст во потрага по вистинскиот збор, иако знаеше дека тој збор ќе биде изговорен само еднаш на радио и ќе исчезне во етерот. Знаеше со денови да критикува нечиј пропуст, до точка до која веќе немаше да ти текне да го повториш. Кога преслушуваше прилози од негови колеги ме прашуваше што ми се допаѓа во нив, а што не. Кога ми ги читаше составите по македонски, ги чешлаше збор по збор и ме прашуваше што сум сакал да кажам со тоа. Кога ми ги слушаше презентациите постојано ми ја поправаше дикцијата. Ова инсистирање на прецизност во говорот знаеше да нервира, ама секогаш се исплатеше. Кога Аце ќе дадеше зелено светло, се знаеше дека патот е чист.
За неговите професионални достигнувања се кажа многу во претходниве денови. Неговите колеги не штедеа комплименти за неговата професионалност, како и анегдоти за неговата импулсивност. Знаеше да загрми со гласот и знаеше да удри со рака по маса, ама знаеше и да биде бескрајно трпелив со оние кои му значеа. Аце си ја сакаше фамилијата, пријателите, колегите, си ја сакаше својата работа и го сакаше спортот. Камо среќа сите да можеме да собереме толку љубов во себе и околу себе.
Кога се пензионираше се повлече комплетно од јавниот живот. Не стапна ни на еден спортски терен од каде што известуваше претходните четириесет години. Времето го поминуваше со семејството, со пријателите, со телевизорот и со компјутерот. Одеше кај Ѓутла каде ќе се напиеше една кока-кола и ќе играше карти. Ги учеше внуците Алекс (кој е крстен по него) и Софи математика и песни од Битлси. Религиозно ги архивираше сите медиумски написи за мајка ми, за мене, за Драгана и за нашата фондација, КАНТАРОТ. И не престана да следи спорт, останувајќи и до пет наутро за да го фати последниот настап на Ѓоковиќ или Јокиќ.
Се обидував да го натерам да направиме подкаст во кој ќе ја раскаже својата животна сторија, но не успеав во тоа. Најмногу што добив е една снимена прошетка низ неговите омилени места во Скопје, за која ме замоли никогаш да не ја споделувам со јавност. Жал ми е што нема да ја видите, затоа што тоа беше Аце на 75 години, луциден, духовит и со моќен глас.
Аце беше шкрт на комплименти, но неверојатно горд на сите луѓе кои имаа привилегија да им биде ментор, колега, пријател, сопруг, татко, дедо. Во последните денови се опушти со комплиментите и знаев дека не е на арно. За мајка ми рече дека била како кукла, но дека кога ќе наумела нешто тогаш се фрлала “на прва топка по земја со глава”. За Алекс дека конечно има убава фризура. За Софи дека многу убаво танцува. За Драгана дека е многу добар шофер. А мене, после години во кои инсистирав да снимиме подкаст ми го даде најубавото интервју што еден син може да го направи со својот татко.
Тоа интервју се случи една недела пред да почине, во наплив на енергија кога со саати ми раскажуваше за најважните моменти од неговиот живот. За Пољакињата од Братфорд што му ја поклонила плочата Сан Франциско од Скот Мекензи. За пошумувањето на Водно и за тоа како ја запознал мајка ми како командант на работна акција. За неговиот моден стил, кога и на преноси од втора лига одел облечен во блејзер. За Олимпијадата во Сеул како негов најголем професионален предизвик, за вокменот и патиките кои ми ги донесе оттаму (првите Рибок патики во Скопје) и за написот во Екран во кој Никола Солдатов, импресиониран од темпото со кое Аце известувал од Кореја, го нарекува новинар октопод. За двете омилени награди, Триумфот за медиуми и спорт од Меѓународниот олимписки комитет во 2004 (оти била најпрестижната) и Златната бубамара за животно дело во 2011 (оти била доделена пред најбројна публика). И на крај за мене и дека не би ме пуштил да одам за Америка доколку денес имав 16 години.
Уживав во тој муабет како што не сум уживал во ниеден претходен муабет со него. Ги слушавме заедно снимките од најважните негови преноси и за момент и јас се почувствував како новинар, обидувајќи се да извлечам од него што е можно повеќе информации пред да мора повторно да ја стави на себе омразената маска за кислород. Го пишувам ова откако повторно ги преслушав тие скапоцени снимки, убеден дека заслужуваат да бидат овековечени во еден подкаст. Тој подкаст дефинитивно ќе започне со нему омилената изрека, “Колега Стиков, се слушаме!” А до тогаш…
ТАТО, СЕ СЛУШАМЕ!