Изгледа шашаво, ама делува

За време на Европското првенство на телото на Марио Балотели и многу други фудбалери, како и сега за време на Вимблдон на телото на Новак Ѓоковиќ сигурно ги приметивте сините ленти и се прашувавте што е тоа чудо.

Како што би рекол претседателот Ѓорѓе Иванов за нашата космодиск демократија: „Изгледа шашаво, ама функционира", така и оние ленти на телата на спортистите изгледаат чудно, но навистина делуваат.

Се работи за еластични терапевтски ленти кои се користат за опоравување на телото кај спортистите. Тие ја поттикнуваат природната способност на телото за лекување со активирање на невролошкиот и циркулаторниот систем. Со тоа се постигнува брз регенерација на телото по големиот напор кој го имаат спортистите.

Велосипедистот Ленс Армстронг за нивниот ефект пишува во својата автобиографија, а на спортските терени можат да се забележат кај Дејвид Бекам, Серена Вилијамс, како и Марио Балотели и Џиџи Буфон на ЕУРО 2012, а во моментов нив ги користи Новак Ѓоковиќ на натпреварите на Вимблдон.

Изумител на овие ленти е Јапонецот Кензо Касе кој ги патентирал уште пред 40 години, а први почнале да ги користат јапонските одбојкари. За прв пат на големи натпреварувања беа забележани на Олимписките игри во 2004-та година, а станаа познати откако неколку спортисти ги користеа на Олимписките игри во 2008-та година.

5 јули 2012 - 13:00