Олимпискиот шампион во тешка атлетика Кијануш Ростами родум од провинцијата Керманшах која најсериозно страдаше од земјотресот, на аукција ја ставил златната медала од Рио 2016-та и сите пари ќе ги даде за жртвите од трагедијата.
„Ја враќам својата олимписка медала на мојот народ, затоа што таа им припаѓа на луѓето“ напишал Ростами на Инстаграм.
Освен тоа, Ростами со други познати спортисти од земјата собира облека и храна за луѓето кои останале на улица, без дом на минусни температури.
Медалот решила да го продаде и Сарех Џаванмарди која освоила злато во стрелаштво на Паралимпијадата во Рио. Примерот на Ростами и Џаванмарди го следел и Масуд Мустафа-Џокар кој ја жртвувал својата медала од Атина 2004-та.
Помош на луѓето им пружил и Али Даеи, еден од најпознатите и најдобрите фудбалери во историјата на Иран. Тој отворил сметка во банка на која барал луѓето да донираат пари за настраданите.
„Заедно можеме повеќе“, рекол Даеи во видео-обраќање кое во последните неколку дена го виделе повеќе од два милиони луѓе.
Земјотресот на границата меѓу Иран и Ирак е најразорниот годинава. Страшни шокови после земјотресот се чувствувале дури и во Израел и ОАЕ.