Роџер Федерер се врати на тронот. Последен пат на врвот на листата беше во јуни 2010-та година кога беше сменет од Рафаел Надал, во последните 53 недели таму се наоѓаше Новак Ѓоковиќ.
Швајцарецот со 30 години и 335 дена е вториот најстар тенисер кој се нашол на лидерската позиција. Најстар тенисер на врвот на АТП листата беше Андре Агаси со 33 години и 131 ден.
Федерер со тоа се израмни со Пит Сампрас по бројот на недели на првото место (286), а веќе во следниот понеделник тој ќе го сруши рекордот. Следната шанса за да го симнат од тронот, Новак Ѓоковиќ и Рафаел Надал ќе ја имаат дури по Олимписките игри.
Роџер Федерер го освои првото место со 11.075 поени, а Ѓоковиќ на втората позиција има 11.000. На третата е Рафаел Надал со 8.905, а финалистот од Вимблдон, Енди Мареј е на четвртата позиција со 7.460 поени.
Најдобро рангиран македонски тенисер е Томислав Јотовски кој со осум поени се наоѓа на 1.002-та позиција.