Само што започна претресот на 27 јуни 1943 година во трошната куќа во Куманово на познатиот фудбалски, а посебно судиски и почитуван работник Драгомир Анчевски. Од предводникот на до заби вооружените војници и полицајци доби наредба да донесе скала за да изврши претрес на таванот.
Додека наредбата уште до крај не беше искажана, за среќа во дворот влезе началникот на полицијата во Куманово со своја придружба. Тој му викна на секретарот на фудбалскиот клуб Куманово: Драганчо, Драганчо со кого нашиот клуб ќе игра во среда? Со Левски е договорено гостување. По средбата со ФК Македонија во Скопје, имаме гостување со шампионот на Бугарија. Сигурно ли е тоа? Да. Началникот го утеши Драганчо зашто беше пофален, а не заборави да повтори неколку пати дека е голем навивач на Левски каде бил и претседател неколку години. Неочекувано по убавата атмосфера подналутено полицискиот висок функционер му забележа на домаќинот:
Драганчо каде одиш? Да ја извршам наредбата на господинот Фетфебел. Тој ми нареди на донесам скала. Нема потреба да носиш скала пресече соговорникот. Јас тука наредувам и мојата наредба мора да се почитува. Јас гарантирам за тебе. Јас гарантирам за Драганчо.
Ова беше најава војската и полицијата да ја напуштат куќата на кои по кусо време им се придружи и полицискиот началник на Куманово.
Избесумени, но среќни членовите на семејството од радост се бакнуваа и плачеа, а кога им се придружи најмалиот член на машкиот сој на семејството Јанко, кој за цело време на рацијата беше на таванот подготвен со оружје да се брани и како партизан на кумановскиот одред жив да не падне во рацете на окупаторот, домаќинот видно возбуден прозборе:
Денеска ни е вториот роденден. Целиот живот му го посветив на фудбалот. На моја и на среќа на сите домаќини тој ни го спаси животот. Денешниот ден ќе биде втората слава на семејството, беше заклучено од сите членови на семејството на легендата на македонскиот фудбалски работник Драгомир Анчевски.