Фелпс е најуспешен олимпиец на сите времиња

Со победата на штафетата на САД на 4х200 метри слободно, пливачот Мајкл Фелпс стана најтрофеен олимпиец на сите времиња со 19 освоени медали на Олимписките игри.

Човекот кој пред четири години во Пекинг триумфираше на сите осум трки на кои настапи, го освои првиот златен медал по четири трки на Олимписките игри во Лондон. Тоа е негов 19-ти медал на Олимписките игри со што го сруши рекордот на руската гимнастичарка Лариса Латинина.

Мајкл Фелпс благодарение на огромната предност која ја направија неговите колеги Лохте, Двајер и Беренс од штафетата на САД, го освои златниот медал на трката на 4х200 метри слободно со време 6:59.70. На втората позиција завршија Французите, а бронзата и припадна на Кина.

Само еден час претходно Фелпс пливаше на 200 метри пеперутка каде водеше во текот на целата трка, но на крајот заостана за пет стотинки зад Јужноафриканецот Чад Ле Клос кој исплива со време 1:52.96. На третата позиција заврши Јапонецот Такеши Мацуда.

16-годишната сензација од Кина, Је Шивен го освои второто злато триумфирајќи на трката на 200 метри мешано со време 2:07.57 што претставува нов олимписки рекорд. Нов олимписки рекорд постави и Алисон Шмит која победи на трката на 200 метри слободно.

31 јули 2012 - 22:34