Федерер ќе игра за шестиот трофеј во Синсинати

На турнирот кој се смета за предигра на УС Опен, Федерер повторно покажа дека игра во одлична форма. Швајцарецот во финалето ќе игра против Шпанецот Давид Ферер, кој имаше нешто полесен пат до последниот дуел од АТП Мастерсот во Синсинати.

Кога во 1/4 финалето од Вестерн и Саутерн натпреварувањето Федерер го совлада Енди Мареј со импресивни 6-3, 7-5, јасно беше дека некогашниот број еден се враќа во одлична форма.

По Мареј, Роже (33) вчера во полуфиналето лесно ја мина и последната препрека пред финалниот дуел против Ферер. Канаѓанецот со црногорско потекло, Милош Раониќ не успеа да пружи поголем отпор, па Федерер славеше со 6-3, 6-2.

Од друга страна, Ферер очекувано, за само 71 минута го победи Французинот Жулиен Бенето со резултат 6-3. 6-2 по сетови. Вечерашното финале ќе биде прво за Ферер во Синсинати после 11 настапи на турнирот во САД.

„Првиот сет беше круцијален, затоа што во вториот видовме права борба за секој поен" - изјави Федерер по победата над Раониќ.

Петкратниот шампион на турнирот во Синсинати, Роже Федерер во 15 средби против упорниот Ферер има 100 процентен учинок, односно 15 победи.

„Среќен сум поради пласманот во финалето и се надевам дека повторно ќе триумфирам на местото каде секогаш играм максимално, затоа што на тој начин ја кревам формата пред УС Опен“ - заклучил Федерер.

Во женското финале, силите ќе ги одмерат Серена Вилијамс и Ана Ивановиќ.

Американката, број еден на ВТА листата, во полуфиналето успеа да се врати во игра откако го загуби првиот сет против Каролина Вознијацки. Со резултат 2-6, 6-2, 6-4, Серена обезбеди пласман во финалето, а тоа беше нејзина 10. победа во 11 дуели против данската претставничка.

Вториот полуфинален дуел донесе големи возбудувања, а на крајот Ана Ивановиќ (26) со 6-2, 5-7, 7-5 ја доби фаворизираната Марија Шарапова.

17 август 2014 - 13:35