Ежени Бушар - новата златна девојка на тенисот

Таа сè уште нема освоено ниту еден голем турнир, но тениската ѕвезда во подем Ежени Бушар се очекува да биде следното најголемо маркетинг лице во женскиот спорт.

До пред неколку недели веројатно само пасионираните љубители на тенисот имаа слушнато за името Ежени Бушар, но по Австралија Опен сите почнаа да говорат за 19 годишната тенисерка од Канада. И тоа не само за нејзината тениска кариера, туку и за кариерата надвор од терените.

Младата тенисерка го привлече вниманието откако стигна до полуфиналето на првиот Гренд слем турнир во годината откако ја елиминираше Ана Ивановиќ и експертите почнаа да и предвидуваат голема кариера.

Со пласманот во полуфиналето на АО, Бушар се искачи од 31-та на 19-та позиција на ВТА листата, а во истиот период минатата година таа беше на 137-то место.

Успехот веднаш и донесе слава. За време на Гренд слем турнирот таа доби нови 100.000 фанови на Фејсбук, а на Твитер веќе има 107.000 следбеници.

Бушар ги има сите предуслови да ја надмине Марија Шарапова, но не само со успесите во тенисот, туку и со богатството.

Јуниорската победничка на Вимблдон од 2012-та година на секој чекор привлекува големо внимание. Таа има свои верни навивачи кои ја следат на секој турнир, а компаниите веќе почнаа да се борат за нејзиниот потпис нудејќи и богати спонзорски договори.

Минатата година Најк се консултираше со Марија Шарапова околу тоа која друга тенисерка таа би сакала да ја носи спортската опрема од линијата кои тие ја дизајнираа за неа. Русинката ја избра Ежени Бушар и покрај тоа што таа се уште се пробиваше во Топ 100 на ВТА листата.

Бушар има само една мана. Омилен пејач и е Џастин Бибер.

29 јануари 2014 - 22:12