Откако УФЦ ѕвездата Конор Мекгрегор изјави дека договорил меч со 40-годшниот Флојд Мејведер кој нема боксувано од септември 2015-та, боксерската јавност е поделена.
Во малцинство се оние кои искрено веруваат дека акробациите и глупостите кои ги прават раководните луѓе во Светската боксерска федерација само му штетат на боксот.
„До моите отворени фанови и сите вљубеници во боксот: Го пишувам ова писмо со цел дека сите заедно може да го заштитиме спортското во боксот. Секојдневно се повеќе и повеќе сфаќаме дека циркусот познат како Флојд Мејведер - Конор Мекгрегор набрзо ќе стигне во градот. Нелиценцирани борби добиваат форма, атлетските комисии даваат благослов во замена за милиони долари и борците добиваат се повеќе и повеќе кеш. Само ние, искрените навивачи кои живееме за овој спорт ќе останеме по страна“, пишува Оскар Де Ла Хоја во отворено писмо до јавноста.
Тој деновиве ја промовира вистинската бокс борба меѓу најголемите борци денес, Генадиј Головкин и Канело Алварез закажана за септември. Но...
„Сега знам дека критичарите ќе кажат дека само јас пишувам писмо затоа што мојата компанија ’Голден Бој’ го промовира тоа што ќе биде кулминација на боксерската година и дека не сакам ништо да го засени тој настан. Но мојот интерес е здравиот бокс во целост. Секогаш тоа ми било интерес. Ако Флојд се вратеше од пензија да боксува со некој како Кит Турман или Ерол Спенсер, не само што ќе аплаудирав, туку ќе бев прв што ќе купи билет за тој меч. Навивачите заслужуваат таква борба. Во спротивно ќе одиме во циркус“, вели златниот медал од ОИ 1992 и поранешниот светски шампион.
На крајот Де Ла Хоја вели дека ја разбира потребата од атракција затоа што првпат еден борец од комбат спортовите ќе боксува со најдобриот на своето време во бокс, но тоа се два различни спорта, од ракавиците што ги носат до правилата и формите на рингот.
Мекгрегор минатата недела изјави дека договорил борба со Мекгрегор како предизвикувач и дека аплицирал за боксерска лиценца во Невада каде што борбата веројатно ќе биде организирана.
Флојд Мејведер (прекарот му е The Money) се повлече од боксот во септември 2015-та после 49 борби без пораз.