Натпреварувачите од Јамајка се најдоа под лупата на Светската анти-допинг агенција откако поранешниот светски рекордер на 100 метри, Асафа Пауел и неговата колешка Шерон Симпсон паднаа на допинг тест. Освен нив, позитивни на допинг беа уште тројца натпреварувачи на националното првенство во Кингстон.
Проблемите се зголемија откако претседателката на тамошната анти-допинг организација, Рене Ане Ширли си поднесе оставка и откри дека на пет месеци до почетокот на Олимписките игри во Лондон минатата година, атлетичарите биле тестирани само еднаш и тоа не по пат на крвна анализа.
„Моменталната состојба е неприфатлива. Ќе бидеме приморани да реагираме во склад со правилата. Постои и опцијата за нивно исфрлување од сите меѓународни натпреварувања", изјави претседателот на WADA.
Евентуална суспензија би важела за цела атлетска репрезентација на Јамајка и покрај тоа што нивните најголеми ѕвезди како Усеин Болт И Јохан Блејк редовно се подложни на допинг тестови на првенствата.