Во ист ден кога селекторот на српската Дејвис куп репрезентација, Богдан Обрадовиќ изјави дека тренерот на Ѓоковиќ е виновен за поразот во финалето на Ролан Гарос затоа што не реагирал никако и само дремел, Борис Бекер зборуваше за односот на Ноле со Федерер.
„Сега, во модерниот тенис е создаден таков амбиент што играчите се премногу исплашени да покажат што чувствуваат. Федерер заработува премногу и невозможно е баш сите да го сакаат“, вели Борис Бекер, тренерот на Ѓоковиќ.
Германскиот тренер истакнува дека најголем проблем во тенисот е тоа што сè станало јавно и веќе ништо не може да се сокрие. Инсталирани се микрофони на теренот, вели Бекер и играчите мора да бидат „политички коректни“.
Во својата автобиографија која неодамна излезе, Бекер наведува и дека луѓето често му велат дека тенисот денес е многу подосаден отколку во негово време затоа што има сè помалку карактери меѓу тенисерите.
„На таквите тврдења им одговарам дека има и одлични луѓе, но точно е дека не покажуваат премногу, затоа што микрофоните фаќаат сè, а резултатот на секоја вербална фрустрација значи и казна од 10 или 20 илјади долари и повеќе.
Во врска со односот меѓу Ѓоковиќ и Федерер, Борис Бекер вели:
„Федерер е еден од најплатените спортисти и поради тоа не го сакаат баш сите. Тој заработува многу поради неговиот имиџ, но дали би заработил толку ако би покажувал пред луѓето што навистина чувствува. Со Новак немаат некој специјален однос“.
Поранешниот светски шампион изјави и дека шест месеци во годината поминува во предградието Вимблдон, со сопругата Лили и синот Амадеус.
„Не живеам во Германија, затоа што немам никаква приватност. Овде ми даваат простор, луѓето ќе пријдат ќе кажат „Убаво е што ве гледаме овде“ и потоа си го фаќаат патот. Не сум национална сопственост, а во Германија луѓето чувствуваат дека сум во нивна сопственост“, констатираше Бекер.
Следен голем настан на програмата е Вимблдон кој почнува на 29. јуни и трае до 12. јули.