Атлетичарката која колабира по секоја трка

Кајла е посветена и храбра млада спортистка која после секоја трка не може да застане на нозе. Оние кои ја знаат причината за нејзините падови и аплаудираат стоечки.

Спортскиот дух и желбата за натпреварување американската средношколка ги покажала најпрвин на фудбал, но по еден натпревар имала грчеви и симптоми како да не ги чувствува нозете.

Докторите и дијагностицирале мултиплекс склероза, болест на централниот нервер систем која го нарушува протокот на информации во мозокот, како и меѓу мозокот и телото.

Но и покрај оваа лоша вест која ја слушнала на 14 години, таа не сакала да престане со спортување, па од фудбал се префрлила на атлетика.

Кајла тешко се движи, има трнење, вкочанетост и грчеви на мускулите, а за нејзината тешка болест не постои лек. Телото го одржува во живот со помош на лекови и терапии.

Но и покрај тоа, таа е силно мотивирана. Тренира шест пати неделно и трча 65 км неделно. Личниот рекорд на 5 километри и е 17 минути и 42 секунди, но нејзината цел е да го урне школскиот рекорд од 17:36.

Со оглед на нејзините оштетувања на мускулите и физичката координација, чудно е тоа што воопшто може да трча. Упорноста и храброста најмногу и ја наградува тренерот кој ја куражи и после секоја трка ја чека во раце.

26 ноември 2014 - 11:47