Армстронг доби забрана и за трчање маратон

Легендарниот велосипедист Ленс Армстронг не доби дозвола да трча на маратонот во Бостон заради доживотната забрана од Американската анти-допинг агенција.

Американската анти-допинг агенција (УСАДА) започна истрага уште во 2010-та година и го обвини седумкратниот шампион на велосипедската трка „Тур де Франс", Ленс Армстронг дека се допингувал за време на својата кариера. Армстронг ги отфрлаше обвинувањата изјавувајќи дека за време на неговата кариера му биле извршени над 500 допинг тестови, но истрагата продолжи и по долга борба тој реши да се повлече.

Неговото повлекување од борбата му донесе доживотна забрана за натпреварување и одземање на сите титули.

Но оваа забрана му ги затвори вратите во сите спортови. Тој се надеваше дека ќе му биде дозволено да трча на 7. октомври на маратонот во Бостон како член на тимот спонзориран од неговата фондација која собира пари за борба против ракот. Сепак организаторите не ја прифатија неговата пријава. Според нив, забраната од страна на Американската анти-допинг агенција (УСАДА) важи за сите спортови, а не само велосипедизам.

10 септември 2012 - 10:37