Американската анти-допинг агенција (УСАДА) го обвини Армстронг дека за време на својата кариера тој се допингувал и му се закани со одземање на титулите и доживотна забрана за делување во велосипедизмот. Армстронг ги отфрлаше обвинувањата изјавувајќи дека за време на неговата кариера му биле извршени над 500 допинг тестови, но истрагата продолжи и по долга борба тој реши да се повлече.
„Секој човек во животот доаѓа до точка кога мора да каже „Сега е доста", а за мене тој момент дојде сега", објави Армстронг на својата вебстрана.
Велосипедската легенда во 1996-та година боледуваше од рак на тестисите, а откако ја доби битката со болеста, седум пати ја освои трката „Тур де Франс", нешто што не му успеало на ниту еден друг велосипедист во историјата.
Американската анти-допинг агенција ја започна истрагата во 2010-та година откако неговиот поранешен колега, Флојд Лендис испратил писма до надлежните институции во кои тој тврди дека Армстронг користел недозволени средства и трансфузија на крвта за време на неговата кариера.
По неговото објава, со соопштение се огласи и УСАДА, во кое се вели дека на Ленс Армстронг ќе му бидат одземени сите титули освоени од 1 август 1998-та година и тој добива забрана за настап на било каков спортски настан до крајот на неговиот живот.