Пред само една година ви претставивме едно дете од школата ФК Мондано каде го носеше прекарот „Нашето злато“. Сега на истото дете оваа година му се исполнуваат желби за кои сонуваат илјадници таленти за фудбал од цел свет.
Ренато Амет тренираше во Ла Масија и тој е првиот Македонец кој на 7 години стапна во најдобрата и најславната фудбалска школа во светот на нивна покана (Бабунски замина на 12).
Како резултат на неговиот огромен успех во кампот на Барселона во Хрватска каде блесна и засени над 100 деца од Европа, македонскиот фудбалски бисер доби еднонеделна награда која поубава не можеше да биде.
Бесплатен едно неделен тренинг од 14-ти до 19 ноември во академијата која во 2010-та стана прва од каде потекнуваат тројцата финалисти во изборот на Златната топка: Меси, Чави и Иниеста.
Наградата за Ренато е уште поголема бидејќи е во друштво на деветмината кои ја добија таа привилегија меѓу кои тој е најмал. Четири од децата имаат 10 години, четири имаат 11. Седум од поканетите тренираат во Милан, Интер, Џенова, Киево и Пескара, а Ренато сега е дел од фудбалската школа Cool.
Импресиите од Ла Масија ни ги раскажа таткото на Ренато, Јусуф Амет.
На првата средба во Барселона не пречека Сајмон Буда, шефот на спортската и маркетинг агенција Масцу која го организираше Ескола кампот на Барселона во Хрватска, каде летоска беше Ренато. Ни рече: `Сум слушнал за Ренато, но не сум го гледал како игра и баш ме интересира да го видам`. Потоа дојде Гиљермо Кастро, координаторот на Ла Масија, ги зема сите деца и ние како родители бевме збунети, не знаевме каде ги носат. Го прашавме дали може и ние да дојдеме, да му помогнеме за облекување бидејќи е многу мал, плус не знае уште да зборува странски јазици, нема да ве разбере, а тој ни одговори: `Тука не сме дојдени за муабетење, тука сите играме фудбал`, тоа е нашиот универзален јазик`. Ги однесоа на стадион во соблекувална и потоа се појавија на терен сите облечени во опрема на Барселона, а ние гледавме одозгора.
Ренато се појави со дрес број 9 кој му го дале врз база на информации добиени од кампот каде има забелешки на која позиција играл и му рекле Ренато – Суарез - напад. Првиот ден тренираше со деца од негова генерација и кога видоа колку е напреден вториот ден го ставија во група со 8-9 годишни деца.
Најјакиот момент беше кога Ренато ги запозна Пике и Меси бидејќи и нивните деца тренираат таму. Инаку имаше еден куп деца и многу тренери на сите страни и сите беа распоредени во групи според возраста. Рене тренираше во група кои се дел од академијата на Барселона што е многу значајно. Сите деца беа облечени во исти дресови, освен 9-мината гости кои се дојдени за да се разликуваат од нив. Насекаде имаше деца и тренери, па дури видовме и деца во дрес на Барселона со цуцли.
Многу ни беше важно за Ренато што веднаш му го забележаа талентот и откако го ставија вториот ден во група со поголеми од него, во таа група тренираше цела недела до крај, па дури и за финалниот натпревар. Огромна радост за нас беше и што на тој меч даде гол и сите деца од неговиот тим му се фрлија и се гушкаа заедно. Нозе ни се пресекоа од возбуда. Тоа беше натпревар со публика, со судии и камери.
Внимавајте што се случи првиот ден. Децата почнуваат да играат фудбал, ама без да шутираат во гол, туку само додавање пас-игра и ние гледаме дека на Ренато никој не му подава. Тој трчаше како коњ, се трудеше и никако да добие топка. Се зачудивме што е работава и почнавме да му довикуваме да не трча толку, да не се истроши. Во 10 минути само два пати ја фати топката и два пати ги издрибла. Тренерите снимаа од страна и ги видов дека уште првиот дриблинг кога го направи, едниот запиша нешто во тефтерот. И кога си одевме дома после тренинг Ренато ми вика: `Виде никој не ни додаваше топка`. Ние го тешевме и му викавме дека не го знаат. Ќе видиш утре ќе ти ја додадат.
Одиме втор ден и повторно истото, пас-игра, постојано пас-игра. Голман да си во школата на Барселона, да ја имаш топката и да ја дегажираш, го соблекуваш дресот и ќе тренираш во Еспањол. Не постои опцијата рогање. Пас-играта траеше еден час и повторно никој не му додаваше, а ние почнавме да се прашуваме па зар вака ли ќе биде до крај. Повторно си заминуваме разочарани, си викаме ништо не се прави тука, децава себични. И знаете ли што било работата? На децата им било кажано така да прават за тренерите да можат да видам како ќе се однесува и колкава му е биде желбата за фудбал.
По последниот ден заминавме на брифинг кај координаторот, а тој ни рече дека кога Адолфо Бодипо им се јавил во Ла Масија им кажал дека има дете од 6 и пол годишна возраст кое го тренирал на кампот во Умак. Тие му рекле да види некој од 10-11 години, тој е многу мал но Бодипо им одговорил: `Знам дека е мал, ама инсистирам да го видите него`. Гиљермо на крај ни рече дека Бодипо и неговите двајца помошници си ја оправдале работата што им посочиле да го поканат и да го видат во живо Ренато.
Втора работа што ни ја кажа Гиљермо е неговата фудбалската интелигенција која изненадува. Одлично размислува и реагира со топка што е нешто несфатливо за негови години. Трето-фасцинантно на тие години е што нема разлика кога игра со лева и десна нога, бидејќи таа фаза кај децата почнува на 11 години. На еден од тренинзите им даде два гола со лева и одма запишаа дека ја води со десна, а даде два гола со лева. И на последниот брифинг ни го кажа тоа дека било договор со децата да видат колкава желба има да ја брка топката. Ни рече дека е уште мал, да не му се прави притисок и да го сфаќа фудбалот како игра. Од тоа што го виделе таму во оваа недела, ни рече дека идеална позиција за него е нападот.
За време на едно неделниот престој во Барселона, Ренато Амет го посетил Камп Ноу, музејот на Барселона, потоа добил билети за мечот меѓу Барселона и Малага, а му подариле и спортска опрема.
Му посакуваме да продолжи по овој пат.