Се сеќавате ли напаѓачот Родолфо Подибо од шпанското првенство, кој играше во Расинг Сантандер, Алавес, па во Депортиво Ла Коруња каде остана најдолго од 2006-та до 2013-та?
Сега е главен координатор на Ескола камп Барселона која на 25 јуни годинава во Умак, Хрватска привлече 110 деца од цела Европа. Таму беше и нашиот Ренато, еден од најголемите македонски таленти кој се врати со сертификат и огромен успех.
Беше единствен Македонец во кампот предводен од Подибо, уште двајца шпански тренери од Барселона и седуммина Италијанци кои соработуваат со нив. Уште на првиот меч Ренато се покажал во одлично издание и добил пофални зборови директно од поранешниот шпиц на Депортиво.
„Многу беа задоволни од него. Родолфо седна со него, прво го гушна и му објаснуваше очи во очи дека тука нема дриблање освен кога е во ситуација еден на еден. Најбитно е контрола на топка па пас. Потоа го забележа дека добро барата со топка и му рече Ренато Чави и го стави да игра поназад за да ја спои играта, а тој почна со дриблинзи и спринтови. Само тоа им беше во глава, контрола на топка и пас. Ни посочија само една аномалија, а тоа е дека игра сам. Но ние им објаснувавме дека во тимот каде што тренира е над нив, нема на кого да ја додаде, а во Барселона ги учат на пас игра уште од мали. Нема дриблинг, тоа може само кога нема на кој да му ја дадеш и никој не ти се отвара. Инаку еден човек да имаш сам, веднаш мора на него му ја додаваш“, вели неговиот татко Јусуф.
Како стигнавте до кампот?
Аплициравме на интернет и пополнивме апликација каде се бараа разни информации за учесниците. Каде тренира, дали клубот е професионален, посетувал ли други школи, дали има посебна исхрана, дали боледува од нешто и сл. Потоа уплативме во банка на жиро сметка и добивме повратна информација дека е примен во кампот. Нашата цел беше да видиме и да се увериме дали Ренато навистина е талент. Ние мислиме дека е добар, ама сакавме да чуеме потврда од една институција како Барселона која и ја добивме. Колку и да мислиме дека е добар прво правило за мене е да биде виден од некого.
Каква беше организацијата?
Организација и нивото беа врвни и се тренираше турбо по 7 часа на еден. Наутро од 9 до 12:30 и попладне од 16 до 19:30, а некои од децата и се откажаа. Кога Родолфо ќе свирнеше со свирчето сите деца трчаа до него и се редеа како сардини. Децата беа поделени во 7 групи, а Ренато беше во категоријата од 6 до 7,5 години.
Што издвоија кај Ренато?
Им беше чудно како дете на 6 години кога ќе стапне прв пат на терен толку се опушта. Кога играа прв пат фудбал Ренато даде 4 гола и јас мислам тогаш ги купи. 100 пати ни спомнаа дека има одлична моторика и тоа на 9, 10 годишно дете. Ние мислевме дека само е талент, а уствари талентот е на четврто место. Ни објаснуваа дека дете кога ќе се роди моториката му е вродена. Или ја има или ја нема. Ако сега ја долови на терен за кратко време ќе ја разработи и ќе се двои од другите. Кога моториката ќе се спои со техниката плодот е дриблингот. Кога дете на 5-6 години ќе направи дриблинг, тоа е за издвојување. На петто место е фудбалската интелигенција. Викаа дека не му е уште развиена, ама ја поседувал. Ни кажаа и дека ги потсеќа на Нејмар кога бил мал. Ни рекоа дека чудна работа е кај него што шутира со полна, со отворена нога. Бидејќи на децата од 2 до 7 години, мускулните влакна им се развиваат и затоа дете на тие години шутира обично со шпиц бидејќи се плашат да ја удрат топката со горниот дел од копачката да не им се скрши ногата. Вака ни објаснуваа. Цвеќето има 5 цвета. Никогаш нема да може да процвета ако не се зајакнат сите цветови како што треба. Ренато има четири и му треба уште еден.
На што се даваше најголем акцент?
Најмногу обрнуваа внимание на тимската игра, додавањата. Родолфо постојано им потенцираше пас, пас, пас, а не дриблинг. Инаку фудбалот го сфаќаат како психологија. Кога дете ќе даде гол, ако некој не оди да го гушне мора да трча два круга околу терен. Бројат 5 секунди во кои сите треба да се соберат околу стрелецот. Потенцираа и викаа: фамилија, фамилија. Еден ако фали добива казна од два круга. Постојано работат на психологија дури и со толку мали деца. Имаат строги правила. Два пати му реков на Ренато да се напие вода, Родолфо ме виде и ми рече, никогаш повеќе. Нема тука ни мајки, ни татковци, рече јас сум им татко. Беше многу топло, но тој им кажуваше кога ќе се пијат течности. Ни рекоа да смениме и исхрана и да јаде само овошје, зеленчук, риба, бело место и рижото и ние веќе два месеци така го храниме.
Во кампот се зборувало на хрватски, шпански и италијански, јазици кои Ренато не ги разбира, но тој со фудбалски јазик им покажал што знае на 6 години. Нашата голема фудбалска надеж не се врати дома само со сертификат и искуство. Одбран е во топ 3 играчи на престижниот Ескола камп Барселона.
Најновите мајстории на Ренато кој ги праќа по цигари и постарите. Внимавајте каков гол даде со 6 години на 1:05.