Ренато Амет не го интересираат играчки. Неговата пасија уште од мал е фудбалот. За неговиот силен удар први дознале во градинка каде повредил дете со топка.
„Ренато е со топката откако прооди. Неговата прва топка беше вистински фудбал и тој никогаш не си играл со гумени топки како децата на негова возраст. Ние не знаевме дека шутира толку силно се додека не ни се јави воспитувачката. Го однесовме во парк за да ја потроши енергијата, а потоа добил препорака да тренира во Вардар“, вели неговиот татко Јусуф.
Ренато во Вардар добил пофални зборови и од Александар Васоски, но поради возраста го префрлиле во школата на ФК Мондано каде работат со деца родени од 2003-та до 2011-та година.
Неговиот тренер Драгослав Марина кој го тренира веќе две години, кога го видел се воодушевил од неговиот талент. Тренинзите за децата се отворени два пати неделно, но за екстра талентот Ренато кој има 6 години вратите во Мондано се отворени секој ден.
„Кога го видов првиот пат ми остави фасцинантен впечаток и на мене и на колегите. Покрај тоа што ни дојде целосно опремен како фудбалер, веднаш покажуваше посебен талент и способности. Игра без проблеми и со постари од него, а тоа што го поседува на негови години е натпросечно. Ние си го викаме „нашето злато“ и гледаме со него да работиме што повеќе. Секој што ќе го види го посакува во своите редови, а сега ние ја имаме таа среќа што е во нашата школа. Му посакуваме понатаму се најдобро без разлика каде ќе оди“.
Што би издвоиле кај него?
„Не знам што попрво да издвојам. Сè е добро кај него и што и да му поставиме како задача го исполнува, а дури и повеќе од тоа. Може да работи вежби што се и за деца од 7,8,9 години. Работи одлично со двете нозе, шутира и со лева и со десна, има добра контрола на топката. Технички за тие години е одлично спремен“.
За која позиција е надарен?
„Според мене треба да игра во среден ред како креатор на игра или полушпиц. Талентот му е вроден и никој не може да му го одземе. Сега треба да се работи со него и да му се остави таа желба што ја има за фудбал. Да не се претера со тренинзи за да не се предозира. Треба нон стоп да има желба за работа, а ние треба да му поставуваме цели за да се наградува. Ние неделно имаме по 2 тренинга, а за него е отворено да доаѓа и повеќе. Мислам дека 3 тренинзи неделно е доволно, како и еден меч неделно кој обично го организираме со другите школи. Мислам дека му претстои голема иднина“, вели Марина.
Идол му е Кристијано Роналдо кој не го пропушта на тв. Тие што ќе работат со него во иднина нека внимаваат на ова златно дете, за кое се надеваме дека еден ден ќе биде лидер на македонската репрезентација, кој ќе ги полни насловните страници во странскиот печат.