2021-ва е за Дејан Георгиевски, јунакот кој на Македонија и го донесе најголемиот спортски резултат

Најизговорениот и најпишуваниот спортски збор во Македонија во текот на Летните Олимписки игри, без конкуренција беше теквондо. Заслугите за тоа одат кај Дејан Георгиевски, скромното и храбро момче кое до финале ги истепа сите и стана вицешампион во светот.

Ако во 2020-та нова спортска историја во независна Македонија испиша четата на Мрме, оваа година тоа го стори Дејан Георгиевски.

22 годишникот од Бутел не замина во Токио како турист, туку спремен и сигурен дека на најголемиот спортски настан ќе освои медал.

Ветувањето го исполни и на градите се врати со сребро, откако на патот му застанаа Рафаел Јуниер Алба Кастилјо од Куба, Сајду Гбане од Брегот на Слоновата Коска и Кјо Дон Ин од Јужна Кореја.

Во финале се бореше против фаворитот од Русија Владислав Ларин на кој не му се предаде до крај, а да не заборавиме дека првиот противник кој го елиминираше, дојде како актуелен светски првак.

Георгиевски замина да се натпреварува како дебитант во спорт кој има многу слаб публицитет во Македонија, а потоа стана тема број 1. Срцата на македонската јавност трепереа на секој негов натпревар, а ги имаше вкупно четири со пренос на МТВ.

Ниту еден друг македонски спортист од независноста не ги почувствувал овие олимписки височи до кои стигна Георгиевски, а среќа му посака и легендарниот Шабан Трстена кој под знамето на Југославија стигна до златниот медал во борење во Лос Анџелес 1984.

27 јули 2021-та ќе остане датум на кој вечно ќе се сеќава Георгиевски, бидејќи успеа со сребрени букви да испише нова страница во спортската историја на Македонија и да стане прв Македонец што стигнал до едно олимписко финале.

Вториот олимписки медал за Македонија го дочекавме после дводецениско чекање. Првиот е на Могамед Ибрагимов во Сиднеј 2000 кога освои бронза во борење.

Голем пречек на аеродром за македонскиот шампион Дејан

Шампионски пречек за Дејан Георгиевски на плоштад

31 декември 2021 - 13:35