Дејан Георгиевски дебитираше на Летните Олимписки игри што е исполнување на сонот за многумина спортисти. Но тој не отпатува во Токио на туризам, туку со прецизирана цел која не ја сокри ни од јавноста.
„Тоа се Олимписки игри, конкуренцијата е пеколна и таму се 16-те најдобри, но јас сум сигурен дека можам да победам било кој на овој свет и ветувам дека од таму ќе донесам медал. Јас сум сигурен дека ќе ја израдувам нашата држава со медал“, рече јасно и гласно нашиот јунак кој може и сами да го слушнете.
Таеквондо како спорт во Македонија има многу слаб публицитет и веројатно е непознат за многумина, но на порталите и социјалните мрежи Дејан денеска беше хит број 1.
Срцата на македонската јавност трепереа на секој негов натпревар, а ги имаше вкупно четири со пренос на МТВ 1.
Храбриот Дејан ги победи противниците од Куба, Брегот на Слоновата Коска и Јужна Кореја и стигна до финале против фаворитот од Русија на кој не му се предаде до крај, а да не заборавиме дека првиот противник кој го елиминираше дојде како актуелен светски првак.
Ниту еден друг македонски спортист од независноста не ги почувствувал овие олимписки височи до кои стигна Георгиевски, а среќа му посака и легендарниот Шабан Трстена кој под знамето на Југославија стигна до златниот медал во борење во Лос Анџелес 1984.
Дејан Георгиевски денеска испиша нова страница во македонскиот спорт и се закити со сребрен медал на градите, а по финалниот настап гордо го вееше македонското знаме.
Сега заслужува да се радува и да добие почести, признанија и премии за остварениот успех до кој дојде со остварена олимписка норма и многу пот.
Да уживаме во историскиот миг за Македонија, а тоа е церемонијата на доделување на медалите. Браво Дејан.