Шампионски пречек за Дејан Георгиевски на плоштад

22 годишното момче од клубот Бутел, вети медал на Олимпијадата во Токио и се врати со него на градите, а неговите фанови му возвратија и го пречекаа во солидна бројка на пеколното време. Ова се историски моменти за македонскиот спорт.

Георгиевски сребрениот медал од ЛОИ го донесе во Скопје и стана спортист со најголем олимписки успех од независноста на Македонија.

И како што е редот тој беше пречекан на плоштад на шампионски начин со аплаузи, овации, факели, химни, а претходно помина и низ триумфалната капија.

Ова момче со херојски настапи во Токио направи Македонија повеќе да слушне, да го разбере и да го засака теквондото како спорт.

„Немам зборови со кои можам да го опишам чувството. Мојот тренер Дарко Костовски, од трибините ми даваше дополнителна енергија во секоја борба кога ми беше најпотребно. Од почетокот е со мене и многу карактеристики ги прифатив од него. Другиот тренер Борче Костовски е исто така виновник за медалот од Олимпијадата. Тој ја направи прецизно стратегијата која не донесе до успехот. Благодарност до семејството кое ми даваше безрезервна поддршка. Ветивме медал и го исполнивме ветувањето. Ова е само почеток. Сигурен сум дека откако го скршивме мразот со обезбедување норма и освојување медал, во наредните олимписки циклуси ќе имаме многу повеќе претставници во теквондото. Во Париз сигурно одиме на уште медали“, изјави 22-годишниот Георгиевски.

Тој уште од мали нозе тренира во клубот Бутел под водство на Дарко Костовски, а на следните Летни Олимписки игри постои можност да оди во семејно трио со своите брат и сестра кои постигнуваат големи резултати.

„Гласно, пред сите, ветивме метал во Токио, зашто верувавме во тоа. Овојпат е сребро, но бидете сигурни дека од Париз ќе донесеме најмалку еден златен медал. Сестрата на Дејан, Ана Марија, која има трето место на светско јуниорско првенство, е сигурен кандидат за Париз, исто како и нивниот брат Коки, кој е балкански првак. Сите тројца се шампиони“, изјави тренерот Дарко Костовски.

Пречек имаше и кога слета

30 јули 2021 - 07:28