Во Пјонгчанг ќе се појават дури 100 атлети повеќе од претходните Зимски Олимписки Игри во Сочи. Температурата во зимскиот центар во Пјонгчанг не се качила над -10 степени веќе неколку недели.
Свеченото отворање на Игрите ќе почне во 20 часот по тамошно локално време а во 12 часот напладне по наше време.
Македонија ќе има тројца претставници: Ставре Јада којшто ќе го носи знамето на отворањето, Антонио Ристевски и Викторија Тодоровска.
Што се однесува до поранешните југословенски репулбики, Словенија има дури 71 претставник и е најбројна селекција. Хрватска отпатува со 19 атлети, Србија и БиХ по четворица спортисти, Црна Гора тројца а дебитантот Косово само еден.
Во досегашната историја на ЗОИ најуспешна е Норвешка со вкупно освоени 332 медали од кои 118 златни, 113 сребрени и 101 бронзен медал.
Јапонската легенда во ски-скокови Норијаки Касаи по рекорден осми пат ќе биде дел од едни Зимски Олимписки Игри. Касаи успешно ги пројде квалификациите денес и со скок од 98 метри осигура карта за учество на натпреварувањето кое почнува утре.
Норијаки Касаи има 45 години. Првпат јавноста го виде во 1992. година во Албертвил а се прослави во 1996-та во Лилехамер кога освои злато. Во 2014-та во Сочи го собори историскиот рекорд како најстар Олимпиец кој стигнал до медал.
ЗАНИМЛИВОСТИ:
2.925 атлети ќе учествуваат;
92 земји учеснички;
6 нации дебитанти: Еквадор, Еритреја, Косово, Малезија, Нигерија, Сингапур;
242 атлети од САД која е најбројна селекција,
102 златни медали ќе се доделат, четири повеќе од претходните ЗОИ во Русија;
7 дисциплини на снег (алпско скијање, нордиско скијање, бијатлон, нордиско комбинирано, салта со скии, сноуборд и акробатско скијање);
5 дисциплини на мраз (карлинг, хокеј, уметничко лизгање, брзо лизгање на кратки патеки, брзо лизгање);
3 дисциплини на снег и мраз, ’лизгање’ (боб, скелетон и санкање);
13 олимписки објекти меѓу Пјонгчанг, Гангнеу (крајбрежен град на исток) и Џангсун (на југ);
-20 минималната температура во февруари во Пјонгчанг;
17 канцеларии на располагање имаат делегациите;
30.605 камери ќе ги испратат Игрите;
17.300 волонтери;
110.000 кондоми или по 37 од спортист се дистрибуирани во Олимписките села (во Пјонгчанг и Канјин), во конференциските сали и во медија селото во Гангнеу;
130 километри нови автопати се направени за Игрите. 120 нови километри железничка линија со експресни возови е изградена за потребата на ЗОИ.