Македонскиот шампион Вардар спогодбено се раздели со тренерот Веселин Вујовиќ поради очајните резултати во Лига на шампиони, најслаби во историјата на клубот. Црвено-црните претрпеа дури 7 порази по ред во Европа и разделбата беше неминовна.
Вујовиќ, омилен тренер на навивачите на Вардар, во својот трет мандат на клупата на црвено-црните седна пред година ипол дена (2006-2009, 2011-2013, 2020-2021), но не го одработи договорот до крај.
Освен мизерните настапи на меѓународна сцена, екипата под водство на Вујовиќ изгуби и во домашното првенство од Еурофарм Пелистер 2 што дополнително ја разочара армијата навивачи на скопскиот клуб.
Иако најтрофејјниот домашен ракометен колектив има уште шанси за двојна круна во домашните натпреварувања и за осминафинале во елитната Лига на шампиони, сепак управата и Вујовиќ се договориле дека е најдобро тој да замине пред мечот со Охрид во Суперлигата и големото дерби со Еурофарм Пелистер во Битола во четврток.
Интересно, како можни наследници на Вујовиќ на клупата на Вардар се споменуваат Давид Дејвис кој во 2014-та година му стана помошник на славниот предводник на Вардар Раул Гонзалес, а потоа самостојно го водеше гигантот Веспрем од каде замина летово.
Дејвис во меѓувреме ја водеше и репрезентацијата на Египет, а во кариерата беше и тренер на женскиот тим на Вардар во 2016/2017. Дејвис добро ги познава состојбите во Вардар, позната му е средината, навивачите и овдешниот менталитет па би бил добро решение за продолжение од сезоната.
Како втор кандидат се споменува Урош Зорман (41). Зорман самостојно го водеше словенечкиот клуб Тримо Требње, а искуство собираше како десна рака на Љубо Врањеш на клупата на Словенија и како помошник на Талант Душебаев во Кјелце.
До 1 јануари РК Вардар ќе го води помошникот тренер Владо Недановски кој е еден од играчите со најмногу настапи во клубот и беше член на генерациите кои се закитија со европски злата.