Квалификации за Европско 2018

Важна победа за Македонија, Исланд совладан во Скопје

Во третото коло од квалификациите за Европското 2018 во Хрватска, ракометарите на Македонија ги победија „рибарите“ од Исланд 30-25 (15-13) и се на добар пат кон ЕП.

Промената во стручниот штаб и дебито на Шпанецот Раул Гонзалес на селекторската позиција носи позитивна промена во репрезентацијата.

Тренерот на Вардар уште од почетокот покажа дека сериозно смета на сите ракометари и веќе во првиот дел топката „ја осетија“ речиси сите репрезентативци освен голманот Митревски и Никола Маркоски.

Шпанецот кој одлично зборува македонски стартуваше со зона 6-0 и Митков во дефанзивата но Исланд поведе со 0-2 на почетокот. Следуваа две супер интервенции на Борко Ристовски, после што Филип Талески и Кире Лазаров израмнија на 2-2.

Мотивиран од новата одбрана на Борко, Стоилов за првпат ја донесе Македонија во водство, а голманот на Барса по 12 минути игра веќе запиша пет одбрани. Највисоките +3 позитива ги имавме на истекот од 13. минута кога згрме левицата на капитенот Лазаров за 8-5.

Црвено-жолтите ја одржуваа предноста, имаа и +4 (15-11) со погодокот на најдобриот стрелец во историјата на Светските првенства, но Исланд вешто го искористи падот на концентрацијата и со два гола го намали водството на Македонија (Лазаров промаши зицер за +3) и на полувреме се замина со 15-13. Кире имаше осум гола во првиот дел, а Борко пет одбрани.

Вториот дел започна со нова поставка на Исланѓаните во одбраната што им донесе резултат во првите пет минути кога израмнија на 16-16.

После речиси 30 минути Исланд неочекувано одново дојде во водство и поведе 16-17, после што Македонија дури до 40. минута мораше да брка резултат. На сцена тогаш стапија Стоилов, Георгиевски и Столе Стоилов со три гола и +2 за Македонија (21-19). Во тие моменти целата сала беше на нозе, Борко Ристовски му одбране силен шут на Палмарсон а Лазаров на спротивната страна реализираше пенал за 22-19.

Во финишот селекторот Гонзалес му даде шанса на Никола Митревски а Битолчанецот се прослави откако му одбрани пенал на Сигурдсон.

Кога Ислан сериозно се приближуваше, одговорноста ја презеде Филип Талески, ракометарот кој во последните две сезони во истата сала торпедираше за Металург. Талески со два проектила од 10-ина метри и помогна на Македонија да го сочува водството и на крајот да слави со 30-25.

Најефикасен во оваа важна победа на Македонија беше Лазаров со 11 гола, Талески даде пет, а Борко запиша дури 12 одбрани. Кај гостите, Сигурдсон водечки стрелец со шест гола а Палмарсон постигна четири.

После вечерашниот триумф од 30-25 против стариот должник, Македонија по три кола е прва во групата со четири бода колку што има и изненадувањето Украина која синоќа ја совлада Чешка. До крајот нашите ракометари гостуваат во Рејкјавик кај Исланд  (во недела на 7-ми) и во Киев против Украина (15-ти јуни), а ја пречекуваат Чешка во Скопје (18-ти јуни од 20 часот) кога би требало да го заверат пласманот на Европското.